Во шестмесечниот период од септември 2017 до март 2018 година, Специјалното јавно обвинителство завело 136 предистражни постапки, отвори 7 нови истражни постапки, а целосно се одобрени 15 обвиненија, објави СЈО по најновиот полугодишен извештај.
„Во текот на извештајниот период беа преземени голем број на дејствија во рамки на отворените предистражни постапки што се однесуваат на незаконското следење на комуникациите, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби при јавните набавки, перење пари, разни коруптивни дејствија…“, стои во извештајот.
Во истиот период, СЈО отворило 7 нови истражни постапки против вкупно 17 физички лица.
„Доколку се разгледа структурата по кривични дела и во ново отворените истражни постапки во извештајниот период евидентно е дека повторно најголем дел од кривичните дела кои се во работа пред ова Јавно обвинителство се кривични дела од главата XXX од Кривичниот Законик – кривични дела против службената должност“, се посочува во извештајот.
Од вкупно 17 поднесени обвиненија во јуни минатата 2017 година, судот во овој шестмесечен период прифатил 15 обвиненија на СЈО.
„Во овој период од исклучителна важност е тоа што се донесени првите пресуди по поднесените обвиненија за вкупно 11 лица во 4 различни предмети, при што пресудена е затворска казна за 1 лице и изречени се алтернативни мерки-условни осуди за 10 лица“, се наведува во извештајот.
Инаку, СЈО досега обработило 515.572 од вкупно 606.555-те аудио-фајлови со кои располага (85 проценти од „бомбите“ предадени од Зоран Заев), при што се изработени 1.784 транскрипти.
„Ова Јавно обвинителство исто така е во процес на анализирање на повеќе од 100.000 аудио-фајлови кои се прибавени при спроведени претреси кај неколку лица и во тек е утврдување дали и во колкав број овие аудио фајлови претставуваат предмет на незаконското следење на комуникациите“, се истакнува во најновиот извештај на СЈО.