Ситуацијата на фронтот во источна Украина стана потешка откако руските сили ја засилија офанзивата, истакна синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Русија доби замав на бојното поле, најавувајќи напредување северно и јужно од градот Бахмут, нејзината главна цел со месеци.
-Има зголемување на офанзивните операции на окупаторите на фронтот на истокот од нашата земја. Ситуацијата стана потешка – рече Зеленски во синоќешното видео обраќање.
Тој посочи дека Русите се обидуваат да остварат добивки кои би можеле да ги покажат на првата годишнина од војната на 24 февруари.
Заменик-министерката за одбрана Хана Маљар претходно изјави дека продолжуваат жестоките борби во источна Украина, каде руските војници се обидуваат да освојат позиција во близина на стратешкиот логистички центар Лајман.
Маљар, пишувајќи во апликацијата за пораки Телеграм, рече дека и покрај големите загуби, Русите исто така ја продолжуваат својата офанзива во близина на градовите Бахмут и Авдиивка.