„Ситигруп“ ќе отпушта вработени ако не се вакцинирани

by Fokus

Вработените во Ситигруп во САД кои не биле вакцинирани против Ковид-19 до 14 јануари ќе бидат на неплатен одмор и ќе бидат отпуштени до крајот на месецот, освен ако не приложат документ за исклучок што ги спречува да бидат имунизирани, се вели во пораката до вработените во која имале увид западни медиуми.

Уште во октомври, американската банка ги објави плановите за воведување нови правила за вакцинација и сега станува првата голема институција на Волстрит која има такви строги барања.

Тој потег доаѓа во време кога финансиската индустрија бара начин безбедно да ги врати вработените во канцелариите и да се врати на нормална работа, додека бројот на случаи на многу заразната варијанта Омикрон расте рапидно.

Други големи банки на Волстрит, вклучително и Голдман Сакс, Морган Стенли и ЈПМорган Чејс, им соопштија на некои од своите невакцинирани вработени да работат од дома, но ниту една не отиде толку далеку во барањата за вакцинација.

Повеќе од 90 отсто од вработените во Ситигруп го исполниле условот досега, а нивниот удел рапидно расте, според извор запознат со ова прашање. При објавувањето на својата политика, Ситигруп исто така рече дека ќе ги оценува исклучоците по верски, медицински или други основи, од случај до случај.

Поврзани новости