Сите жени во Македонија ќе ги честам за „8 Март“ – Кој е Господин Попоски, кандидат за претседател?

by Fokus

„Сите нудат кандидати, Вевчани нуди господин за претседател“! Вака се шегуваат вевчанци за нивниот кандидат за претседател Господин Попоски, пренесува ММС.

Кога го видоа неговото име на листата на кандидати сите помислија дека станува збор за грешка. Но, не е. Колку и да звучи чудно, вистината е таа, кандидатот за претседател Попоски се вика Господин.  Тој е навикнат лугето да се чудат на неговото име.

-Само во Вевчани го има ова име. Во моментов  со ова име сме четворица во Вевчани. Две се деца, третиот е 69, а јас сум 49 години.  Јас потекнувам од попска фамилија. Дедо ми беше поп, а баба ми ме крстила Господин, за да славам именден. А тоа е празникот  Свети три светители, кој се слави на 12 фебруар. Вистина навикнат сум на името и се чувствувам многу убаво кога ќе ми се обратат. Во Вевчани не, но кога работев фасади во Скопје, па во Битола, сите се чудеа, вели Попоски.

-Мене ако ме изберат јас ќе го вратам името, студентскиот оброк дупло ќе се покачи, да имаат по 5.000 денари неделно, ќе има зголемување на пензиите, пари за земјоделците.  Тие три илјади евра што ќе биде платата на претседателот јас нема да ги земам, тие пари ќе одат за социјалците. На мој трошок ќе си биде патувањето од Вевчани за Скопје, а резиденциите во Скопје и Охрид ќе бидат наменети за социјалците. Тоа не е невозможно. Моите идеи се исти како на Тито.  А криминалот исто така ќе се реши, криминалците сами ќе си одбираат келија во затвор. Не насилно да ги затвораат, тие сами ќе си одат во одаите.  А ако се случи да не ги соберам потписите нема да гласам за никого, рече тој.

Тој вели дека нема да осиромаши ако ги почести сите жени во Македонија, а знае дека за тоа ќе добие и поддршка од сопругата.

-Што да каже Фросина Ременска, јас така ја викам жена ми, бидејќи многу личи на неа.  Нема што да се лути, таа ќе биде идната прва дама од Вевчани. А ако не победам сега, таа следната година ќе стане градоначалник на Вевчани. Три жени ќе бидат кандидатки за градоначалник на Вевчани следната година, вели Попоски.

Поврзани новости