„Сите земји во ЕУ мора да ја признаат Палестина, одамна го ветивме тоа“ порача шпанскиот премиер

by Fokus

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека Европа треба да ја признае Палестина од „морални“ и „геостратешки“ причини.

51-годишниот социјалист, го даде своето прво интервју за шпанската јавна телевизија TVE откако го освои новиот четиригодишен мандат и по посетата на Израел, Палестина и Египет во својата прва странска посета.

Шпанскиот премиер смета дека е дојден моментот сите земји од ЕУ да ја признаат Палестина, бидејќи долго време им ветуваат на Палестинците и на арапските земји спроведување на решение за две држави.

„Тоа е вистинската работа бидејќи сите овие години гледавме како Израел систематски ги окупира палестинските територии на Западниот Брег, а сега гледаме и што се случува во Газа“, рече Санчез, чија земја претседава со ЕУ уште еден месец.

„Интересот на Европа е да се реши ова прашање, пред се поради моралните вредности. Бидејќи она што го гледаме во Газа не е прифатливо. Исто така, геополитички интерес на Европа е да го стабилизира регионот, кој, доколку нема мир, може да западне во криза која ќе се прелее во Либан, Египет и Јордан и ќе го дестабилизира Медитеранот, регион кој ни е важен“, предупреди Санчез.

Тој побара да се организира меѓународна конференција на која би учествувале Израел и Палестина, а од која двете земји би си заминале меѓународно и меѓусебно признати, за да живеат во мир и безбедност како соседи.

Според шпанскиот премиер Европа не може да си дозволи два отворени воени фронта, во Украина и на Блискиот Исток.

Поврзани новости