„Сите за правично судење“: Низа нарушувања на деловникот за работа на Судскиот совет

by fokus

Коалицијата „Сите за правично судење“ денеска реагира дека се направени низа нарушувања на деловникот за работа на Судски совет од предлогот за ставање на точката на дневен ред, па сè до денешното разрешување на претседателката Дамева.

Објаснуваат дека се гласало за предложената нова точка на дневниот ред – расправање за меѓучовечките односи и веднаш потоа за усвојување на записникот од претходната седница. Ова, велат од Коалицијата, доведува до парадоксална ситуација, односно доколку дневниот ред не бил усвоен, тогаш воопшто не би можело да се премине кон дискусија по предложените точки, и не би можело да биде додаден предлог за разрешување на претседателот на Советот во рамки на дискусијата за меѓучовечките односи.

-На ова се надоврзува и проблемот со целосното отсуство на одредби во Законот за Судскиот совет кои се однесуваат на престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет. Престанок на мандатот на претседателот пред неговиот истек, е можен само доколку постои престанок и на неговиот/нејзиниот мандат како член на Советот, односно сторена дисциплинска повреда согласно членот 34 од Законот за судски совет, за што претходно мора да биде спроведена дисциплинска постапка. На денешната седница се воспостави невообичаена практика, што претходно не се применувала, а тоа е дека иако претседателот на Советот е присутен на седницата, ја отворил истата и започнал да ја води заменик претседателот на Советот, велат од Коалицијата.

 

Поврзани новости