Сите учесници на изборите во Бугарија и нивните ставови кон Македонија

Избори Бугарија 2021

by Fokus

Денеска во Бугарија за првпат се одржуваат двојни парламентарни и претседателски избори. Ова се трети парламентарни избори во Бугарија во последните седум месеци. Кои луѓе водат трка за премиер и претседател на Бугарија и какви ставови тие промовираат кон Македонија?

Што се однесува до парламентарните избори, сите социолошки агенции во земјата за време на предизборната кампања предност и дадоа на коалицијата на поранешниот премиер Бојко Борисов – ГЕРБ-УДФ, која би освоила околу 23-24 отсто од гласовите.

Со 8 отсто разлика зад нив е коалицијата „Продолжуваме со промени“ на двајцата поранешни министри за економија и финансии во преодната влада на државата – Кирил Петков и Асен Василев 15,5 – 16,5 отсто . Но, социолозите прогнозираат дека имаат најголем потенцијал да добијат добијат повеќе гласови и да обединат повеќе коалициски партнери.

По нив следат бугарските социјалисти на Корнелија Нинова со 15 отсто, „Има таков народ“ на ТВ водителот Слави Трифонов со 11,5 отсто, Движењето за права и слободи со 9,9 отсто, Демократска Бугарија на Христо Иванов со 9,6 отсто.

Неизвесно е дали коалицијата на поранешниот омбудсман на Бугарија, Маја Манолова, „Исправи се БГ! Доаѓаме!“ ќе успее да ја надмине бариерата од 4 отсто за да влезе во бугарскиот парламент.

 

ПРАШАЊЕТО ЗА МАКЕДОНИЈА ЕДНА ОД ТОП ТЕМИТЕ

За време на кампањата, повеќето од партиите и коалициите декларираа став кон Македонија што се смета за далеку од принципите пропишани во меѓународното право, во контекст на Договорот за добрососедство со Македонија, вклучувајќи ги и меѓународните конвенции за малцински права и признавањето на правата на македонското малцинство во Бугарија.

Нема преговори со Македонија додека не влезе бугарското малцинство во уставот – Десничарскиот ГЕРБ во неколку наврати не успева да пронајде коалициски партнер за да продолжи да ја води Владата на Бугарија. Партијата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов беше обвинувана од опозицијата за низа корупциски скандали. Во однос со соработката со Македонија, Борисов истакна дека нема да има преговори со Македонија додека бугарското малцинство не биде внесено во македонскиот устав.

ПСП: Тврди антимакедонски позиции – Продолжуваме со промената е новата центристичка партија, која се фокусира на борбата против корупцијата. Оваа партија е формирана во септември од Кирил Петков и Асен Василев, двајца поранешни привремени министри од техничката влада на Бугарија, образовани на „Харвард“, а добија поддршка со нападот врз корупцијата и критикувајќи го Борисов дека не направил доволно за да се справи со митото во текот на една деценија на власт.

При промовирањето на партијата, двајцата изјавија дека „не се претседателска партија“, но појаснија дека го поддржуваат актуелниот бугарски претседател Румен Радев. Тој, пак, во предизборната кампања застапува тврди позиции во однос на преговорите меѓу Бугарија и Македонија.

БСП: Македонија не може да стане членка на ЕУ- Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, во предизборната кампања настапуваше со пет приоритети – социјална политика, борба против нееднаквостите, раст на пензиите, здравствена реформа и борба против корупцијата придружена со реформа на судството.

Партиската лидерка Нинова, во нејзините претходни настапи, беше категорична дека Македонија не може да стане членка на Европската Унија за сметка на, како што рече, бугарските национални интереси.

Демократска Бугарија: Да се бара решение за Македонија – Трите партии од коалицијата Демократска Бугарија се залагаат третиот мандат да биде за формирање кризна влада, ако не успеат да постигнат колективен договор. Лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, во обраќањето во националното собрание на Бугарија во јули годинава рече дека мора да се најде решение со Република Македонија.

Според Иванов, Бугарија мора да покаже цврстина, но и храброст и да најде решение за проблемот со Македонија во новиот парламент. Вистината, според Иванов, треба да се одбрани, но исто така и треба да се најде начин заедно да станеме членови на европското семејство, бидејќи, како што нагласи тој, тоа е бугарскиот национален стратегиски интерес.

ИТН: Негација на Македонија и македонскиот народ – Рејтингот на партијата предводена од шоуменот Слави Трифонов е во постојан пад, откако Има таков народ, како победничка партија на претходните избори, не успеа да формира влада. Довербата на гласачите ја стекна со критики на владеењето на Борисов. Тој е познат по негаторските и навредливи изјави упатени кон македонскиот народ.

БУГАРИЈА ГЛАСА И ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ

Фаворити за претседателските избори во Бугарија се актуелниот претседател и потпретседател Румен Радев и Илијана Јотова, кои учествуваат како независни поддржани од БСП, и ректорот на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ проф. Анастас Герџиков и полковникот Невјана Митева, поддржани од ГЕРБ.

Според анкетите, Радев би добил 48 отсто, а Герџиков 28 отсто. Потоа следуваат лидерот на Движењето за права и слободи Мустафа Карадаи со 10 отсто и претседателот на Врховниот касационен суд Лозан Панов со 8 отсто, кој во Бугарија се прослави со своите отворени критики за заткулисните случувања во судството во Бугарија.

По се изгледа, претседателот на Бугарија нема да биде избран во првиот круг, туку тоа ќе се случи на 21 ноември кога треба да се одржи вториот круг. За првпат немаше предизборна дебата за претседателските избори во Бугарија.

РУСКИТЕ ВРСКИ НА РАДЕВ

Исто како во 2016 година, поранешниот пилот на военото воздухопловство Радев настапи како независен кандидат, но со поддршка на Бугарската социјалистичка партија. Откако ја презеде функцијата, тој постојано беше во конфликт со Борисов, споредувајќи го неговото владеење со мафијашко, особено за време на антивладините протести во 2020 и во 2021 година.

Среде бугарската политичка криза, Радев ја имаше должноста да назначи две привремени влади од април досега, со што неговата видливост во јавноста се подобри. Актуелниот претседател е поддржан и од партијата „Продолжуваме да се менуваме“ на Петков и Василев, а постојано е обввинуван за руски врски.

Радев упорно одбиваше да открие дали е вакциниран или не, што предизвикуваше чудење кај јавноста. Уште во јануари беше во приоритетната категорија граѓани за вакцинирање, но дури на 28 август откри дека примил две дози.

Партијата „Има таков народ“, која победи на парламентарните избори во јули, но не формираше влада и оттогаш паѓа на анкетите, иако го критикуваше Радев, му изрази поддршка на изборите и не излезе со свој кандидат.

ГЕРЏИКОВ-ИЗНЕНАДУВАЧКИ ИЗБОРИ

Ректорот на Софискиот универзитет, Герџиков, официјално настапува како независен кандидат, но со поддршка на ГЕРБ. Ова беше изненадувачка одлука, со оглед дека тој не бил поврзан со доскорешната владејачка партија .

Герџиков е професор по римска литература, кој дипломирал на универзитетот „Хумболт“ во Берлин. Од 2001 до 2003 година беше заменик-министер за образование.

Во 2017 година, истражување на порталот „Офњуз“ откри дека имало наводни нерегуларности во трошењето на парите од Софискиот универзитет, наведувајќи дека на Герџиков му се исплаќале околу 7.800 евра повеќе од неговата вообичаена годишна плата, а не постоеле никакви документи што би го оправдале тоа.

Герџиков негираше дека сторил нешто погрешно. Досега, во кампањата тој се дистанцираше од ГЕРБ, велејќи дека решил да се кандидира уште пред Борисов да го контактира за да го поддржи.

КАРАДАЈА – „КОНТРОВЕРЗЕН“ КАНДИДАТ

Движењето за права и слободи на Карадаја е контроверзна појава во бугарската политика, меѓу другото поради врските со медиумскиот могул и поранешен пратеник Делјан Пеевски, кој се кандидира за место во парламентот, и покрај тоа што со Пандорините документи беше откриено дека поседува непријавени офшор-бизниси.

Карадаја е член на ДПС веќе три децении. Но, за време на кампањата за претседателските избори не се истакнуваше премногу во јавноста. Не учествуваше на ТВ интервјуа и не влегуваше во дебати со другите кандидати. Во неколкуте појавувања Карадаја го бранеше Пеевски и ја доведуваше во прашање веродостојноста на Пандорините документи.

Во август изби конфликт меѓу Карадаја и Радев откако Карадаја откри дека привремениот министер Петков има двојно државјанство, бугарско и канадско. Радев, кој го назначи Петков, му одговори со прашање која држава ја смета за своја татковина, алудирајќи на една случка што му се припишува на Карадаја, дека за време на една посета на Истанбул ја нарекол Турција „наша татковина“.

ПАНОВ-„ПРОПУШТЕНА МОЖНОСТ“

Судијата Панов, претседател на Бугарскиот врховен суд, се кандидира како независен кандидат поддржан од партијата Алијанса за демократска Бугарија.

Се очекува дека најголемиот број гласови што ќе ги освои Панов ќе бидат во главниот град Софија, каде што и Демократска Бугарија во април освои мнозинство гласови.

Панев влече поддршка и со својата кандидатка за потпретседателка, популарната новинарка Марија Касимова-Моаси, која е позната по своите либерални и прогресивни погледи, и која нема политички багаж.

Двојката е речиси единствена меѓу кандидатите што јавно изразува загриженост за бавната стапка на вакцинација против ковид-19 и што изрази поддршка за напорите на Северна Македонија за зачленување во Европската Унија, што е блокирано од Софија во моментов.

Но, Панов, според експертите, ризикува да биде доживеан како кандидат за една тема поради неговата заднина во судството.

ДРУГИТЕ КАНДИДАТИ

Лидерот на ултранационалистичката партија Вазраждане, Костадин Костадинов, исто така се кандидира за претседател, возејќи се на протестите против рестрикциите со ковид-19 и на вакцинацијата.

Костадинов, кого го нарекуваат и Костја Копејкин поради прорускиот сентимент на неговата партија и валутата што била користена во царска Русија, е против тоа Бугарија да го прифати еврото и ја критикуваше моќта што Радев ја стекна во периодот на привремената влада.

Независниот националистички кандидат Бојан Расате привлече големо медиумско внимание откако беше обвинет дека предводел напад на ЛГБТ центарот во Софија на 30 октомври.

По протестот против нападот, кој се одржа на 1 ноември, обвинители побараа да му се тргне имунитетот на Расате како претседателски кандидат.

Последователното апсење на Расате се претвори во јавен спектакл, откако полицијата прво не можеше да го најде, а го уапси пред зградата на Бугарската национална телевизија на 2 ноември, откако тој даде интервју.

Изборите се можност за камбек и на бизнисменот и поранешен пратеник Веселин Марешки, кој минатата година беше осуден на четири години затвор за изнуда, но неговиот случај беше вратен на повторно судење поради неправилности.

С.Т.

Поврзани новости