Никола Груевски со сопругата Боркица и ќерките летува во Охрид.
Во нормални околности, оваа вест би поминала речиси незабележано, но со оглед на одземениот пасош на лидерот на опозицијата, и неговиот мерак за солена морска вода во минатото, кога летни дестинации му беа Турција, Хрватска, Сицилија, Израел и можеби други летувалишта за кои јавноста немаше можност да дознае, неговиот одмор во Охрид стана една од најкоментираните теми деновиве.
Не е познато дали Груевски некогаш во времето кога беше премиер летувал во Охрид, но познато е дека е љубител на морската вода. Затоа ,,Фокус’’ направи мала ретроспектива на сите солени летувања на поранешниот премиер, во изминативе единаесет години.
Лани, заедно со семејството кон крајот на месец јули тој беше на прошетка во манастирот ,,Свети Наум’’,во Охрид, но летуваше во август во Анаталија, Турција, како што тогаш информираа од неговата партија, во приватна режија и аранжман. Одморот го прекина поради поплавите во скопско, и покрај тоа што не беше повеќе премиер, замина да прави увид во состојбите на теренот.
Пред тоа, истата година, на почетокот на јули, тој заедно со сопругата, децата и мајка му Нада престојуваа на островот Сицилија, Италија, но од ВМРО ДПМНЕ соопштија дека не е на одмор, туку на свадба кај пријател.
Пред две години пак, Груевски летуваше во Израел, а папарацо фотографиите со него на плажа, со очила за сонце од марката ,,Мајбах’’ кои наводно чинеле околу 60.000 евра, стигнаа до јавноста пред соопштението од партијата околу тоа каде летува нивниот лидер.
Во 2014 година, Турција исто така беше летна дестинација на Груевски. На покана од Реџеп Таип Ердоган, тој со семејството помина пет дена во Бодрум, и пет дена во Фетије. Друштво им правеше и неговата мајка.
За 2013 година, нема официјален податок околу неговото летување, ниту пак дали на тогашната посета на Бразил, Аргентина и Мексико друштво му правела и сопругата.
И во 2012 година, во август, Груевски со семејството летуваше во Фетије, Турција, на покана на турскиот премиер Ердоган.
Претходната година, 2011, Груевски наместо на летување, остана да работи, како што имаше навика да изјави, 24/7. Тогаш и останатите политичари имаа скратени одмори. Тогашниот претседател на Собранието, Вељановски ги скрати одморите на народните избраници, па наместо 30, тие одмораа по 20 дена.
И за 2010 година нема официјални податоци околу тоа дали и каде летувал Груевски, но се претпоставуваше дека сепак останал дома, бидејќи во тој период неговата втора ќерка беше неколкумесечно бебе.
Но затоа пак, во 2009 година, тој и сопругата Боркица имале романтичен одмор на хрватскиот остров Бриони.
Тогаш тој изјави дека одморот всушност му бил продолжен викенд од четири дена, а со Боркица заминале сами, на покана на тогашната хрватска премиерка Јадранка Косор. Ќерката Анастасија, која во тоа време имаше неполни две години, останала со бабата и дедото во Скопје. Парот бил сместен во владините вили, на времето познати како вилите на Тито.
,,Вистински се одморив, затоа што таму нема многу гости, а и тие што беа не ме познаваат. Бевме во целосна изолација’’ – беше една од ретките изјави поврзана со приватен настан, што ја даде Груевски по враќањето од Бриони.
Летната дестинација од 2008 година, остана тајна за јавноста. Истото се случи и во 2007, годината кога во месец мај никола и Боркица ја крунисаа љубовта со брак. Тогаш тој изјави дека нема да замине на меден месец веднаш по свадбата, бидејќи имал премногу работни обврски, и патувањето го оставил за летниот период, кога Владата заминува на одмор. Но јавноста не доби информација за романтичната летна дестинација на новиот брачен пар.
Во 2006 година тој изјави дека нема време да размислува за одмор, бидејќи тогаш се ближеше време за формирање на новата влада.
Единаесет годишната ретроспектива за летувањата на Груевски јасно покажува дека тој е љубител на морето, и покрај тоа што секогаш беше доста претпазлив во откривањето на дестинацијата. Во минатото најчесто се случуваше да не биде застапен во медиумите одреден период, па веднаш народот ќе се посомневаше дека најверојатно е на одмор. Иако нема ништо спорно во тоа политичарите да одат на одмор, кој што законски им следува, тој традиционално се обидуваше да го сокрие приватниот живот од очите на јавноста.
За разлика од него, светските политичари не само што информираат за своите дестинации, туку и неретко постираат фотографии од своите летувања и зимувања, водени од мотото дека приватната агенда има големо значење и врз нивниот политички имиџ.
Оваа година, очигледно дека Груевски го промени својот имиџ, па солената вода ја замени со слатка, секако, без да ја информира јавноста и овојпат за летувањето. Разни коментари и досетки на сметка на политичарот без пасош не стивнуваат на социјалните мрежи. Останува отоворено прашањето дали и Боркица, која има пасош, годинава ќе ја прекине традицијата – летување на море, или пак ќе замине на одмор надвор од државата без Никола.
Вики Клинчарова