Нема клима за остварување на желбите на лидерот на ДУИ Али Ахмети принципот „победник со победник“ да стане дел од правниот промет во државата.
Платформата за легитимитетот која Ахмети ја нарача од американскиот професор Пол Вилијамс за да се озакони принципот „победник со победник“ да прави влада не поминува ниту кај една од парламентарните партии и од власта и од опозицијата.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на ДУИ дека конечно треба да сфати дека е во опозиција.
– ДУИ конечно треба да сфати дека е опозиција. Јавно да посочат каде во Мајскиот договор пишува коалицирање победник со победник. Уставот не е партиски памфлет на ДУИ – велат ВМРО-ДПМНЕ.
Владиниот партнер ЗНАМ, пак, не сака ни да дискутира на таа тема.
-Сите одредби од Рамковниот договор се исцрпени и имплементирани во Уствот и во законите. Секоја наредна постапка е нова ситуација за која нема простор за дискусија – велат од ЗНАМ.
И од Коалицијата Вреди ѝ порачаа на ДУИ дека нема потреба од автентично толкување на Рамковниот договор.
И опозицискиот СДСМ смета дека постизборните коалиции треба да се прават на база на усогласувањата на програмите и идеолопшката позиција на партиите, а не да се условуваат по принципот „победник со победник“ во законска регулатива.
-Секој глас на граѓаните е еднаков глас и оттука несоодветни би биле законски измени по етнички клуч. Право на секоја партија и политички субјект е да избере коалициски партнер, пред или по изборите – велат од СДСМ.
Од Левица сметаат дека по 20 години од Рамковниот договор, за целата јавност е јасно дека покрај тоа што се сегрегира општеството и се создаваат очајни услови за живот кои ги угнетуваат и бркаат подеднакво Македонците, Албанците и другите етнички заедници од државата, овој договор служи и како инструмент за бесконечно одржување на ДУИ на власт.