Сите се наши, и ајдуците и паразитите!

by Fokus

Секоја влада во првите година-две беше колку-толку пристојна. Потоа постепено се опиваше од моќта. И стигнуваа до фазата кога идеја водилка им беше „само небото ни е лимит“. Тоа за груевци беше 2011 или петтата година во власт. Во таков филм ми наликуваат сега и сдсмовците. А и 2022 им е петта година владеење

Пишува: Јадранка КОСТОВА

Среда 16/11/2021

2022 = 2011

Во изминативе три децении, секоја влада во првите година-две беше колку-толку пристојна. Нѐ занимаваше со откритија за претходниците, кои, по правило, аздисувале. А, и колку-толку, го есапеше гласот на јавноста.

Потоа постепено се опиваше од моќта. Забушаваше, ама и се правеше на Тошо за ајдуците од своите редови. Го јадеа стапот главно „ситната боранија“ и по некој „душман“.

И лека-полека стигнуваа до фазата, кога идеја водилка им беше „само небото ни е лимит“. Тоа за груевци беше 2011, или петтата година од заседнувањето во владините одаи. Во таков филм ми наликуваат сега и сдсмовците. А и 2022 им е петта година владеење.

Скандали се нижат во низа, а нив не им чуе. Дрско и безобразно си ги поделија со партнерот ДУИ обвинителските позиции. Но, си имаат и тие свои „курири“ ко Груевски, надлежни да ги релативизираат „палавостите“, како што, пак, во време на Бучковски сдсмовците си направија новинарска „фабрика“. Да, веќе се знае кој е сега во улогата на Протуѓер.

За ваквите „курири“ и „фабриканти“, инаку, секогаш опозицијата е виновна за сѐ, без оглед дали владата ја ситни петтата или десеттата година власт и моќ.

Арно ама, не знам дали се малку во збунка што американската амбасадорка Анџела Агелер јавно порача дека постојано слушаат и читаат за корупциски афери, па потврди дека борбата против корупцијата ќе ја направи приоритет на Амбасадата на САД.

Тонч! Ај сега отворете војна против Калето!? Или можеби си мислат дека Агелер и екипата потпаднале под влијание на опозицијата!

Иако, рака на срце, не сум уверена дека Вашингтон и Брисел ќе бидат згрозени доколку двотретинското мнозинство за измена на Уставот се обезбеди со коруптивни шеми. Како што беше и за Преспанскиот дил. Оти, геслото е – Во Европа по секоја цена!

Четврток 17/11/2021

МИЦКО И ГРУЈО!?

Двете македонски партии имаат уиграна шема за оцрнување на лидерот на противничкиот табор. Откако тој ќе замине, наследникот го верглаат како продолжена рака на претходникот. По некоја година доаѓа крешчендото – актуелниот се прогласува за најголемо зло.

Еве, веќе официјално вмровците го прогласија Ковачевски за полош од Заев, барем за преговорите со Бугарија. А на мисла сум дека и за сдсмовците, кај да е, Мицкоски ќе им биде пострашен од Груевски.

Се сеќавам „фабрикантите“, фанови на Бихаќка, како го промовираа министерот Груевски како техноменаџер, море човек на годината наспроти „бугарашот Георгиевски“. Е кога стана лидер, удрија по него со сите сили.

За разлика од нив, Љубчо не ги менува лесно ставовите за Бугарија, ама на дотичниве сега не им пречат, оти народњаците се дел од владината коалиција. Ем сега сдсмовците се приближија до таквите тези, иако се покриваат со мантрата „само за да влеземе во ЕУ“.

Вмровците, пак, кои ги поддржуваа со срце и душа „бугарашките“ тези порано, сега, демек, гинат за НОБ и партизаните.

Како тргнало, доволно е Груевски да пушти абер од Будимпешта дека треба да се прифатат уставните промени и сдсмовските „курири“ веднаш да му натнат европско руво. Аналогно на тоа, Мицкоски ќе го почестат со ореол на најштетниот лидер.

Петок 18/11/2021

КАБЕЛОТ И ПЕНКАЛОТО

Се сеќавате на мега полициските акции на груевци, кога се апсеа по дваесетина и повеќе луѓе, како онаа за патарините или „Змиско око“. Така со квантитетот го надоместуваа квалитетот, а квалитет би бил некоја крупна ѕверка од власта.

Е актуелнава власт нема такви масовки, ама нема секогаш и квалитет. Со пасошите за белосветските мафиози нафркаа фаци од долни ешалони.

Но, кога ќе се сетам дека и за пожарот во тетовската ковид-болница обвинети се сал директори, а, нели, беше прогласен за виновен и продолжниот кабел, нема да изненади и за државјанството на контроверзниот Украинец, покрај некој вработен во АНБ, да биде кабает и пенкалото и штембилот со кој е потврдена подобноста на Онишченко.

Сабота 18/11/2021

ЕВРОПА И ДИРЕКТОРИ

Кога министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити најави дека ќе има намалување на бројот на директори и членови на управни одбори, ама реорганизацијата ќе почне од јануари 2024 година, бев во дилема зошто не веднаш!

Но, штом разбрав дека во преговорите со Алијансата на Албанците уште се ценкаат за бројот на министерски позиции, ама на тезга се бараат и триесетина директорски места, си помислив дека тука лежи зајакот.

Да укинеа сега бројни директорски позиции, со што ќе го одоброволеа новиот, во најава де, владин партнер? Се разбира, европската иднина е мотивот, не функции, ама грешни мисли ми надојдоа.

Патем, во 2024, инаку изборна година, нека ги намалуваат директорските позиции новите… нормално, со ДУИ заедно!

Недела 20/11/2021

ПАРАЗИТИ И КОНТРАПАРАЗИТИ

Серијалот „Паразити“ доби контрасеријал или „Контрапаразити“. На вмровските објави за финансиските бенефити на фаци од актуелната власт, сдсмовците парираат со исти и слични наводи за вмровците. Што би се рекло „бију Турци, ал бију и наши“.

Партијата на Мицкоски го прогласи Дарко Каевски за паразит, барајќи да објасни како на 30 години стекнал стан и 4 милиони денари на сметка со пратеничка, а претходно директорска плата. Татко му, пак, од 2018 добивал тендери од државата тешки над 315.000 евра.

Следуваше вратка. На Ивица Томовски, кој ги објавува паразитскиве стории, партијата на Ковачевски му ја додели „титулата“ – паразит. Од два тендери од ЕЛЕМ ќарил околу 60.000 евра. Потоа Мицкоски го ставил на позиција управител на ЕЛЕМ турс во 2017 и само од плати зел над 30.000 евра.

И така, двеве партии со серијалов ни потврдуваат, ем дека фини плати земаат кога имаат власт, ем тендерите им се ко подмачкани за „нашите“.

Понеделник 21/11/2021

КЛАСИФИЦИРАНИ ФИНТИ

Ма фино срочив на почетокот дека оваа 2022 за коалицијата СДСМ-ДУИ е фаза во која беше партнерството на ВМРО со ДУИ во 2011-та.

Еве, ТВ Алфа објави дека владата не ги удостоила со одговор дали членовите на историската комисија се членови во управни и надзорни одбори. Поточно, итарпејовски владата се прогласила како ненадлежна.

Но, она што особено ми го врати филмот беше инфото дека претходно од Министерството на Бујар Османи, на истото прашање возвратиле, се разбира дури по еден месец, дека тоа биле класифицирани информации.

Еј, како се трошат народните пари се доверливи податоци? Така ние од владата на Груевски добивме ист финтаџиски одговор – дека како се делат парите на медиумите за владините кампањи било класифициран податок.

Ете така тоа почнува, па прогресира… знаете во кој правец!

Вторник 22/11/2021

ДАНИ И ЦАЦИ

Судбина! Нели Славјанка Петровска за време на ланските локални избори објавуваше документи дека кандидатката за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, поседува бугарски пасош. Данела Арсовска демантираше, најавуваше и тужба за клевета, но не ја поднесе.

Сега пратеникот Ковачки катадневно ја прозива Славјанка, или Цаци како што ја ословува премиерот Ковачевски, дека има непријавена хациенда со базен во Радишани. Прозваната, пак, рече дека се пласираат лаги, и таа најави тужба, но и ако има непријавен имот, ќе го подарела на ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата продолжи да објавува документи од Катастар, од Водовод…

И ај сега пресудете – дали Дани и Цаци се во право, една од нив или… нешто трето, де! Што ли си мисли Анџела!?

 

Поврзани новости