Сите се еднакви, ама некои поеднакви од другите!

Во реалноста, само декларативно сите се еднакви пред законите и институциите, а фактички - некои се поеднакви од другите.

by Фокус

Сè додека не се преземат конкретни мерки, пораките дека обвинителството е независно, дека судството е посебна власт, дека никој не е посилен од системот и државата, остануваат празни флоскули.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Правосудството дефинитивно е една од најфрагилните области во системот. Дека веќе одамна е пробиено дното и дека е дојдено, народски речено, нож до коска, потврдува крајно негативната перцепција кај граѓаните, сè поотворените и подиректни критики од меѓународната заедница, како и самите признанија на обвинителите и судиите. Конечно, таквите оценки не ги отфрла ниту власта, иако се обидува да се огради и да избегне одговорност.

Имено, неколку релевантни истражувања покажаа дека само 1 отсто од граѓаните имаат целосна доверба во обвинителскиот и судскиот систем (ИРИ). Според истражувањето презентирано од ОБСЕ и ДКСК, пак, многу судии и обвинители анонимно пријавиле дека трпеле влијанија од колеги и надредени, додека над една третина од анкетираните посочиле дека биле изложени на притисок и од извршната власт или од претставници на политичките партии.

Оттука, овие недвосмислени и тврдоглави податоци бездруго говорат дека правосудството е подложно на влијание, вклучително и од страна на власта и партиите, независно дали се на власт или во опозиција. На тој начин, се растерува маглата што сакаат да ја внесат многумина сегашни, но и поранешни високорангирани политичари, според кои, влијанието во правосудството доаѓа исклучиво од економските моќници.

Како и да е, јасно е дека постои дијагноза, но дали има терапија за подобрување на состојбите во правосудството, кое е клучно за испорачување правда во општеството, за заштита на имотот и интересите на граѓаните, но и на државниот буџет преку борбата со криминалот и корупцијата? И, ако е така, кој треба да го пропише рецептот за, фигуративно кажано, лекување на обвинителството и судството?

Од една страна, точно е дека самите обвинители и судии треба да покажат интегритет и да се изборат за независност, но за ова прашање, како и за сè друго, не може да се изземе власта, која има можност и обврска да постави правила на игра, па дури да изврши и одредени промени преку мнозинството на кое се потпира во парламентот. Арно ама, водечките владејачки претставници постојано се обидуваат да ги релативизираат состојбите преку промоција на разни тези.

Во таа насока, често се експлоатира тезата дека проблемите во правосудството не се од сега, туку се провлекуваат веќе 30 години. Патем, на елегантен начин се прави и дистанца од темата, со помош на аргументот дека уставниот поредок во демократско општество наложува поделба на властите и дека извршната не смее и не треба да се меша со судската власт. Но, зошто овие образложенија се манипулативни?

Факт е дека работите во правосудството никогаш не биле идеални, но се чини дека никогаш не било полошо, од проста причина што проблемите од година во година само се калемат наместо да се решаваат. Згора на тоа, ако нешто било лошо порано, тоа не може да се користи како алиби и изговор да не се направи напор да стане подобро денес, особено не од страна на тие што барале поддршка и мандат да ги поправат состојбите за кои веќе биле свесни.

Понатаму, крајно дискутабилна и конформистичка е позицијата за немешање. Тоа не би било лицемерно ако власта навистина не интервенира во судската власт. Се разбира, тоа е далеку од вистината, бидејќи тоа не го потврдуваат само самите обвинители и судии, кои се изјасниле дека трпат притисоци и од политичари, туку и членка на Судски совет неодамна јавно рече дека била елиминирана од политички моќници. Значи не од бизнис, туку од политички моќници!

Кога станува збор за Судскиот совет, кој има надлежност да избира и разрешува судии, мора да се нагласи дека во пракса не е до таа мера независно и самостојно тело како што формално е пропишано. Иако дел од членовите доаѓаат од фелата, сепак, дел ги избира Собранието, каде што мнозинството го контролира власта, односно владејачките коалициски партнери. Воедно, многу членови на советот имаат или имале јасни линкови и релации со владејачките партии.

Инаку, влијанието на власта е уште поизразено во обвинителството, кое можеби има клучна улога во правосудниот синџир. Токму таму треба да се изготви обвинението врз основа на доказите обезбедени од истражните органи и потоа да се процесуира до судот. Или, пак, ако некој шепнал поинаку, предметот да заглави во фиока и таму да фаќа прашина без никогаш да добие ефективна разрешница.

Всушност, обвинителството е истурен орган на извршната власт, а републичкиот обвинител, исто така, го избира парламентарното мнозинство. Од самите обвинители, пак, неодамна беше избран и обвинител за гонење организиран криминал, кој е овековечен на седенки со братот на партиски лидер, чиј син стекна удел во атрактивен бизнис-центар во Скопје без да вложи денар. Дали тука има корупција, треба да испитува токму обвинителството под капа на пријател на неговиот татко?!

Во меѓувреме, секој што ќе се обиде вака да ги постави работите и притоа да изрази сомнеж дека тука има сериозен дефект, експресно е обвинет за албанофобија. Со други зборови, тоа што блиско лице на долгогодишен партиски лидер стана обвинител за организиран криминал без претходно да се појави во јавност, ниту да презентира програма како другите кандидати за оваа функција, не смее да биде предмет на интерес бидејќи веднаш ќе добие етикета дека ги мрази своите сограѓани Албанци?!

Има безброј примери што покажуваат дека власта не е искрена кога вели дека ги тргнала рацете од правосудството, кое и онака сè повеќе и повеќе тоне и се дави во сопствената кал. Најнова потврда за тоа е драконското намалување на казната на лицето што прегази и уби девојче во пијана состојба. Случајно или не, во Советот што драстично ја скрати неговата првостепена казна беа истите судии што држеа предмет на СЈО, сè додека не се создадат услови да застари.

Кога сме кај СЈО, да потсетиме дека и тоа беше формирано со „мешање“ на политиката, откако тогаш водечките партии и нивните лидерства постигнаа договор за издвојување обвинители во посебно обвинителство, кое ќе ги истражува индициите за незаконско постапување од прислушуваните разговори, од причина што тогашното регуларно обвинителство не покажа капацитет да го направи тоа. Едноставно, власта и сега можеше и мораше, условно кажано, да се меша во правосудството.

На пример, можеше да го оствари ветувањето републичкиот обвинител да го предложи опозицијата, а да го избира владејачкото мнозинство. Можеше и/или да го спроведе концептот за тотален реизбор на судии, иако за тоа не добиле зелено светло од ЕУ поради лошото искуство од Албанија. Како може да ги слушаат меѓународните партнери за ова, а да немаат слух за црвените картони на странски амбасадори, како и за „црната листа“ на САД, која сѐ повеќе се проширува со политичари и бизнисмени што влијаеле врз системот за да избегнат одговорност!?

Покрај тоа, веќе еднаш-засекогаш можеа да го спроведат и долгонајавуваниот ветинг, кој многу дволично го бараат владејачки партии за своите лидерства, небаре се опозициски партии или граѓански активисти, па упатуваат апели. Тие се на власт и можат да изгласаат таков закон, кој, според речникот на една веќе пензионирана обвинителка, ќе изврши кадровско протресување и во правосудството.

Сè додека не се преземат конкретни мерки, пораките дека обвинителството е независно, дека судството е посебна власт, дека никој не е посилен од системот и државата, се празни флоскули. Бидејќи во реалноста испаѓа дека само декларативно сите се еднакви пред законите и институциите. Фактички – некои се поеднакви од другите.

Поврзани новости