Вкупно 107 државни функционери го искористиле правото на апанажа по престанок на функцијата, а за четири години од 2014 до 2018 година се исплатени 1,8 милиони евра.
Ова го покажуваат податоците од анализата на буџетските трошења од страна на органите на државната управа ЈП и АД формирани од државните органи.
Како што истакна Катица Николовска член на Антикорупциската комисија и автор на анализата, од вкупниот број од 107 лица кои користеле апанажа 29 доаѓаат од Влада, а 78 од Собрание. Од 107 лица кои се предмет на анализата 89 лица по престанокот на користењето на апанажата повторно се вработиле и тоа 46 во државни институиции, а 43 во приватниот сектор. Додека 18 лица по престанокот на апанажата не се вработиле.
Седум од пратениците се вратиле на работните места каде работеле пред изборот на пратеници, но дури откако го искористиле 12-месечното право на апанажа. Износот на апанажата за лицата кои биле на именувани функции во Влада изнесува околу 71.000 денари, а на оние кои им завршил пратеничкиот мандат износот е околу 100.000 денари.
-Анализата покажува дека избраните и именуваните лица по престанокот на функцијата на која се избрани максимално го користат правото на апанажа, пред се поради високиот износ што го добиваат, а кои согласно законите е во висина на месечната плата. Како Антикорупциска ќе доставиме иницијатива за изменување и дополнување на законската регулатива во врска со правото на користење апанажа по престанокот на функцијата на избрани именувани лица од страна на Владата и Собранието во делот на висината на надоместокот, изјави на Николовска.