Тетовчани денеска излегоа на протестен марш против ЕВН, поради високите сметки за струја. Над илјада демонстранти се собраа на плоштадот во Тетово, каде упатија повеќе барања до компанијата. Во ЕВН велат дека ќе ги разгледаат барањата што се во надлежност на компанијата, а останатите, како што е цената на струјата, „Дрита“ ќе треба да ги пренасочи на соодветно место – во Регулаторната комисија за енергетика.
-Бараме ЕВН да ја намали цената на киловат-час електрична енергија, затоа што цената на отворена берза е многупати помала од таа што се фактурира на граѓаните на Македонија, да се отстрани индустриската тарифа, итно да се либерализира за сите потрошувачи пазарот на дистрибуција. Да ѝ се забрани на ЕВН основните средства за дистрибуција што ги плаќа потрошувачот да ги присвои како свои инвестиции. Да не наплатува такса за приклучок на потрошувачот од 500 евра, затоа што тоа е нешто кое е забрането со закон- порачаа организаторите на протестот.
Од ЕВН велат дека до Корисничкиот Енерго Центар на ЕВН во Тетово било доставено официјално барање на Здружението на албански електричари „Дрита“ кое ќе биде разгледано, а компанијата ќе одговори на барањата што се во нејзина надлежност.
За останатите барања, кои беа искажани на денешниот протест во Тетово, како што на пример е реакцијата за висината на цената на струјата здружението „Дрита“ ќе треба да бара одговори на вистинската адреса – во Регулаторната комисија за енергетика, која ја утврдува цената на електичната енергија на подрачјето на целата држава.
„Барањето ќе биде разгледано од наша страна и соодветно постапено во деловите што се однесуваат на работата и надлежноста на ЕВН Македонија. Во деловите кои не се во наша надлежност и не се адресирани до нас, како што се цената на електричната енергија, тарифи, тарифни ставки и сл. се на адреса на регулаторните тела кои се надлежни за тоа“, вели Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.
Од Здружението „Дрита“ велат дека протестите ќе продолжат и понатаму, во зависност од тоа дали ЕВН ќе ги прифати нивните барања.
Фото:Алсат-М