На која страна од барикадите да се најдеш, ќе наидеш на силна врева, те од едните, те од другите, ќе наидеш на едно општо незадоволство, пцости, воспалена страст, напнати жили, расправии; еден толку вообичаен фолклор што ја одржува оваа држава на нозе со години и децении
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Од сите страни тече! Протестираат здравствените работници, протестираат административците, дали од културата, судството, општините, протестираат новинарите, протестираат средношколците, протестираат земјоделците, млекарите…
И сите се судираат со една друга антипротестна, шаренолика групација, можеби не синдикалистички организирана, ама доволно делотворна.
КОШМАРНИ СОДРЖИНИ
Да фатиме по ред. Протестираат здравствените работници. Со право. Ниски плати, лоши услови за работа, притисоци од нестрпливи, огорчени пациенти…
Ама протестираат и пациентите. Исто така со право. Нема термини за прегледи, за операции, нема лекови, небрежни доктори и сестри, редишта во смрдливите чекалници.
Протестираат административците, имаат многу ниски плати, натрупани на едно столче по двајца работат, еден за сите, другите за ништо, намуртени, нервозни. Со право.
Ама протестираат и граѓаните против таа трома администрација, која е неписмена, бавна, корумпирана, неажурна, а во контактите со граѓаните намќореста. И со право реагираат.
Протестираат и новинарите за своите права, за слобода на говорот и за независно новинарство, за безбедност при нивната работа, за работа без притисок и закани од разни центри на моќ и, се разбира, за подостоинствено платен труд. Со право.
Ама протестираат и гледачите и читателите. Што добиваме ние? Кошмарни содржини, само скандали и „ти реков, ми рече“ информации, секоја добиена од некој свој омилен извор, во зависност од тоа кој плаќа.
Секоја реклама во нивните медиуми ние ја плаќаме, велат, преку поскапо купените производи што се рекламираат, додека тие се гостат и од нашите пари и од нечии партиски или тајкунски чекмеџиња. И кога ќе размислиш и тие се во право.
Протестираат и средношколците, матурантите. Не оти видоа саглам настава во тековнава година.
Дојави за бомби, полициски опсади на училиштата, тргни-застани со наставниот материјал, измешани смени, час претпладне, час попладне, нервозни, уплашени наставници кои си тераат по програмата, натрупаа купишта материјал и сега „ајде, деца, полагајте“ државна матура по вообичаениот начин како сите генерации пред вас.
Е, не може, не се стасува да се помине материјалот. И во право се.
КРИВО НАСАДЕНО
Ама дел од општествената заедница реагира, не велам протестира. Како тоа немало време да се научи материјалот за матура, или за вообичаените тестови при крајот на учебната година. Каква младина ние мислиме да создадеме.
Секоја младост е развеселена, палава, но мора да се сообрази со реалниот живот, со проблемите на возрасните, па и со проблемите на општеството и светот во кој живеат. Не е сѐ забава и журки до зори, па не останало време и енергија за учење. Како да свртиш, и тие што вака реагираат се во право.
Протестираат млекарите и земјоделците. Работата им е тешка, мачна, заработувачката неизвесна, што од временските услови што од ниските откупни цени. Црнчат по цели денови низ полињата и пасиштата, не знаат ни делник ни празник, едвај врзуваат крај со крај, а за некое унапредување на производството со современа механизација и со други погодности ништо не останува. И со право протестираат.
Ама и другата групација граѓани што не протестира по улиците, но реагира гласно и зачудено по маркетите, вџашена од високите цени на основните прехранбени производи кои (добро се информирани) се повисоки дури и од една Германија. И тие со право реагираат.
И да не редам понатаму. На која страна од барикадите да се најдеш ќе наидеш на силна врева, те од едните те од другите, ќе наидеш на едно општо незадоволство, пцости, воспалена страст, напнати жили, расправии; еден толку вообичаен фолклор што ја одржува оваа држава на нозе со години и децении.
А! Да не го заборавиме протестот што во една бујна константа е насочен кон владата, со право. Ги почнува божем реформите, па кога ќе се фати за работата и кога ќе види што сѐ треба да се сработи, паѓа од замор и подзастанува да одмори.
Бидејќи од сите страни тече, мора да импровизира, да затнува, да крпи и да ја држи работата под контрола да не бликне некоја поголема вода, та сите да нѐ однесе сосе партали.
А, опозицијата се надева дека со нивната добро обмислена, потпомогната(?), разорна тактика Ковачевски и неговата влада ќе бидат првите што ќе ги однесе матната и дека потоа ќе дојде НЕКОЈ, не НАТО, што ќе ја спушти железната брана и ќе го спаси овој напатен македонски народ од однародување.
А, народот, што е право, секогаш знаел да препознае кога некое нешто е криво насадено.