Сите ловат зајци

by fokus

Нешто како оној пример од теоријата на политиката: ако ловците од селото воспостават круг околу еленот имаа шанса да го уловат и да го прехранат целото село. Ако некој реши да тргне по зајакот за да се нахрани себеси и своите, еленот ќе избега. Кај нас, 32 години сите ловат зајци за себе и за своите, па елените  избегаа. Затоа државата и народот се на ова дереџе.

пишува: Денко МАЛЕСКИ

Во очај ги фрламе рацете кон небото пред фактот дека повторнo никој нема да одговара за масовното прислушување во заробената држава која и сега признава дека не е во состојба да биде ништо друго.

Која е причината за оваа немоќ на институциите на македонското општество? Причина се оние кои ја имаат власта, вели опозицијата вклучувајќи ја и партијата која прислушувала. Одговорни се СДСМ и ДУИ.

Да ги отстраниме од власт и ќе видите што е демократија и ефикано водење држава, велат тие.

Ако е така тогаш проблемот со демократијата и правната држава во Македонија лесно ќе го решиме со смена на партиите на наредните избори и нивна замена со други, како што се прави во вистинските демократии. Но, не е така.

Дилемата на македонската демократија има една трагична нота: не можеме да произведеме ефикасен правен и политички систем, токму и да сакаме.

Како и за сѐ друго, и за ова ни недостасува волјата, моралот и дисциплината потребни и за таков потфат.

Поинаку кажано, ни недостига волјата, моралот и дисциплина да ја совладеме лекцијата дека не се партиите тие кои ја спасуваат демократијата, туку дека е тоа демократскиот систем кој нѐ спасува од злупотребите на партиите.

Зошто партиите не се зафатат со вистинската работа: да изградат еден демократски систем кој ќе нѐ штити нас граѓаните од злоупотребите на секоја неконтролирана власт?

Затоа што нема ниту минимум заемна доверба, разбрана како верба дека другиот е добар и чесен и дека нема да те изигра.

Дека на крајот од таков зеднички напор за трансформација на нашиот систем, сите ќе се придржуваат кон демократските правила. Нешто како оној пример од теоријата на политиката: ако ловците од селото воспостават круг околу еленот имаа шанса да го уловат и да го прехранат целото село.

Ако некој реши да тргне по зајакот за да се нахрани себеси и своите, еленот ќе избега. Кај нас, 32 години сите ловат зајци за себе и за своите, па елените  избегаа. Затоа државата и народот се на ова дереџе.

Така е на сите нивоа на нашето општество, не само во високата политика. Сите се во трка по зајци, ама никој не признава, обвинувајќи го другиот дека не се грижи за селото.

Претседателот на една мала политичка партија несвесен за сопствената одговорност за изградбата на демократскиот систем, покажува со прст кон владеачките партии и кон професорите на правниот факултет кои земале пари за одбрана на промените во Кривичниот законик и амнестијата на тешки криминалци. Нивниот поголем грев, слабото образование на идните судии не го спомна.

Имае една африканска поговорка „Потребно е цело село… (да се одгледа дете)“. Поговорката има и едно друго значење:„Да престанеме со стереотипите дека владата или некои поединци се апсолутни злосторници или апсолутни спасители и да признаеме дека секој од нас мора да биде дел од решението. Да ја употребиме власта како некогаш, за унапредување на заедничкото добро“.

 

Поврзани новости