Сите критики ги прифатив и се трансформирав, вели гинекологот Денис кој е наш претставник на светски избор за Мистер

by Fokus

Скопјанецот Денис Аљуш изгуби 15 килограми и комплетно го трансформираше својот физички изглед, воден од советите, но и критиките кои ги добил од јавноста, откако во февруари годинава објавивме дека тој ќе ја претставува Македонија на изборот за убавина ,,Мистер Супернационал” во Полска.

Финалето на изборот ќе се одржи на 21-ви август во Полска, а Денис вели дека е комплетно подготвен да ја претстави нашата земја во најдобро светло. Инаку, тој со години наназад живее во Малта, и е доктор на медицина, со Мастер гинекологија и акушерство, а работи во тамошното Министерство за здравство.

Тој е еден вид на модна икона во Малта, сопственик на модниот бренд ,,Denis Aljush Couture”, со низа на популарни и продавани колекции, редовен на познатите модни ревии ширум светот, и човек чиј лик често може да се види во медиумите во Малта.

-Јас сум личност отворена за критики. Од минатите наслови во кои се пишуваше за мене, ги следев сите коментари, и позитивните, но и негативните. Без никаква суета веднаш започнав со преобразба, променив се што беше критикувано на сметка на мојот физички изглед. Од боја на коса, стил, дури изгубив и 15 килограми. Активно се занимавам со повеќе спортови, вежбам секој ден. Висок сум 180 сантиметри, тежок 68 килограми. Имам професионален пристап кон дадената доверба да ја претставувам Македонија на овој престижен натпревар, и ова е прв пат нашата земја да има претставник кој зборува седум светски јазици, кој е дипломиран гинеколог-акушер, и кој учествувал на модните недели во Милано и Њујорк – раскажува Денис за ,,Фокус”.

Појаснува дека Македонија влегла во финалниот избор преку ,,Мистер Супра Стар Серч” кога тој го освоил третото место помеѓу стотина учесници од целиот свет.

За него се грижел тим од професионалци, од кои повеќето биле по потекло од Македонија, а живееле во Малта.
-Морам да го спомнам и да му се заблагодарам на мојот тим, Драгана Костовски – фризура, Наташа Трендафил – шминка, Гаил Туфигно – козметичар, Виго менс вер – гардероба, Симона Митева – сет ап, Бранко Стоилов – фотограф и студиото ,,Бранко Визуалс”. Заедно работевме посветено на мојата промена, се надевам дека сме завршиле одлична работа и резултатите ќе го докажат тоа – вели Денис.

Во претходно интервју за ,,Фокус” тој раскажа дека со голема посветеност и љубов успешно се снаоѓа во двете професии, медицината и модата. Порача дека не лесно да се биде доктор и директор на моден бренд истовремено, па цел ден му бил исполнет со обврски.

-Кога нешто навистина се сака, не постои невозможното. Во Малта се живее без оптеретувања и предрасуди, прифатен сум и се пронајдов овде – ни изјави Аљуш.

Вики Клинчарова

Поврзани новости