Родители на деца со попреченост упатија повик до сите кандидати за градоначалници да потпишат декларација, со која се обврзуваат дека за време на нивниот мандат ќе ги поддржат родителите, но и нивните деца, и дека ќе работат на креирање на политики за лицата со попреченост и олеснување на нивниот живот.
Од Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби за ,,Фокус” појаснуваат дека и пред почетокот на парламентарните избори ги повикале сите политички партии да потпишат договор со кој се обврзуваат дека ќе им исполнат дел од барањата, а тогашниот настан кој се случуваше во Жена парк, бил потпишан од голем дел од партиите. Сега, пред локалните избори, велат дека сакаат да го искористат моментот и ги повикуваат да ја потпишат декларацијата.
-Секој потенцијален градоначалник нека ни се јави. Борбата и надежта за подобра иднина на нашите деца не престануваат, се додека сме живи. Ние сме нивниот глас и мораме да бараме секакви начини и можни решенија за да се сврти вниманието кон оваа ранлива група на граѓани. Не смеат да бидат заборавени ниту лицата со попреченост, ниту пак нивните родители кои секојдневно се соочуваат со тешки препреки, социјална рамнотежа мора да има во секоја земја која се стреми за развој и еднаквост за своите граѓани – вели Маргарита Милошеска, мајка на девојче со церебрална парализа и голем активист за правата на лицата со попреченост.
Таа додава дека системот мора да претрпи промени и да оди кон подобро, кога се овие категории на граѓани во прашање, бидејќи сите се уморни од постојаната борба за достоинствен живот, со која се соочуваат децата, но и нивните семејства.
За ,,Фокус” ја достави декларацијата и порача дека јавно ќе бидат објавени сите кандидати за градоначалници кои ја потпишале, но и оние кои ќе одбијат да го сторат тоа.Во прилог, декларацијата:
-Како моја одговорност за сите граѓани на мојата општина, како човек со достоинство, дигнитет и интегритет се обврзувам дека ќе го слушнам гласот на заедницата на лицата со попреченост и нивните семејства. Ветувам дека во текот на првите шест месеци од мојот мандат Општината под мое раководство ќе направи мапирање на социјалните сервиси и ќе изготви социјален план за Општината. Ветувам дека во текот на првата година од мојот мандат ќе ги анкетирам и регистрирам сите лица со попреченост, со посебен осврт на нивните потреби, но и на нивните вештини и знаења, во правец на задоволување на потребите и нивна инклузуја, интеграција и социјализација. Ветувам дека ќе бидам партнер на сите граѓани на мојата Општина и дека ќе креирам достоинствени услови за живот и на лицата со попреченост и нивните семејства и дека претставници од нив и нивните семејства ќе бидат дел од телата кои ќе ги креираат политиките и приоритетните реализации на објекти и сервиси на ниво на нашата Општина! Ветувам!– наведено е во документот, според кој родителите се надеваат на подобар живот за нивните деца. Телефонските броеви на центарот, каде можат да се обратат потенцијалните градоначалници кои сакаат да ја потпишат декларацијата се 078 449 852 и 078 449 853.
Вики Клинчарова