Големо внимание во јавноста предизвика венчавката на познатиот скопски бизнисмен Владимир Стајиќ и неговата долгогодишна љубов Јулија Црвенкоска, кои во неделата запловеа во брачните води.
Софистицирана, со романтичен изглед, карактеристичен за неа, така изгледаше невестата на денскиот дел од свадбата, а вечерта носеше тоалета што ја истакнуваше нејзината природна и специфична убавина. За нејзиниот беспрекорен изглед се погрижи реномираниот мејк-ап артист Арменд Рамадани, кој важи за еден од најуспешните во регионот.
Владимир носеше црн елегантен костум. Свадбената церемонија се одржа во хотелот Мериот во Скопје, на која присуствуваа најблиските роднини на младите, нивни пријатели, и соработници. Меѓу гостите на свадбата имаше и бројни јавни личности,бизнисмени од земјава и странство и наши естрадни ѕвезди кои се долгогодишни пријатели на младенците.
Свадбата започна во претпладневните часови во неделата во домот на младоженецот. На свадбата беа испочитувани сите традиционални македонски свадбени обичаи. Брачниот пар во Соборниот храм Св.Климент Охридски,ги венча Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а венчална кума им беше Ана Камчева долгогодишна другарка на Владимир, старосватица на младите им беше најблиската другарка од детство на невестата Дина Смилковска.
Пред почетокот на свадбената церемонија, Владимир со сопругата склучија и граѓански брак, а кум беше другар од детството на Владимир, Стефан Стефановски. Младите, ни раскажаа дека текот и замислата на својот најважен ден го испланирале сами, но за реализацијата ја ангажирале компанијата за организирање на настани ,,Ботега Евенти” кои беспрекорно го усогласија текот на целиот ден.
Најважно од се им било сите гости подеднакво да се чувствуваат удобно и убаво и секако да бидат весели. Со изборот на музика, сакале да ги задоволат вкусовите на сите гости, затоа се одлучиле за различни музички жанрови, македонски и балкански музички икони – Ефто Пупиновски, Ацо Пејовиќ, Цеца, Аца Лукас, кои на свадбата направија незаборавна еуфорија и атмосфера во целосна организација на Кристијан Стефановски од Прагма Продукција.
Свадбената прослава ја започнаа со танго кое било изведено за легендарниот филм ,,Scent of a woman” од страна на фамозниот Карлос Гардел. Владимир инспириран од филмот ни раскажува:„Добро се снајдов, што би рекол Ал Пачино, во филмот „Scent of a Woman“- If you make a mistake, get all tangled up, just tango on.“
Младенците се заедно веќе неколку години, бизнисменот ја запроси својата долгогодишна љубов пред две години, на едно од многуте нивни романтични патувања.
Вики Клинчарова