Сите членови на Судскиот совет да поднесат оставки, бара Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата

by Fokus

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара актуелните членови на Судскиот совет да поднесат оставки и да се формира нов состав на Советот, бидејќи сметаат дека сегашниот состав незаконски постапува.

„Бараме од актуелните членови на Судскиот совет да поднесат оставки и да овозможат формирање на друг состав на Советот, како единствен кредибилен начин за надминување на состојбите предизвикани од незаконско постапување на Советот“, се вели во соопштението до јавноста од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата

Платформата констатира и ги наведува сите незаконски дејствија во Судскиот совет кои почнаа со „пучот“ против претходната претседателка на советот Весна Дамева, а кулминираа со дрска забрана за снимање со камери на медиумските екипи, поради наводно пречење на концентрација на членовите на советот при работа.

„Веќе втора недела јавноста сведочи како Судскиот совет континуирано отстапува од Законот за Судскиот совет и од стандардите за транспарентно и отчетно работење на оваа институција. На 26 април 2023 година, Судскиот совет спротивно на Деловникот за работа вметна точка во веќе изгласаниот дневен ред, по што одлучуваше за разрешување на претседателот на Судскиот совет без да ги почитува правилата предвидени во Законот кои се однесуваат на потребното мнозинство за избор, како и на одредбите кои ја уредуваат дисциплинската постапка во рамки на која единствено може да се утврди несоодветно постапување на член на Советот, вклучително и претседателот“, стои во соопштението на Платформата .

Платформата реагира што Судскиот совет на 4 мај годинава соопшти дека е закажана седница само 15 минути пред нејзиниот почеток, а истиот ден извести дека во меѓувреме се оствариле две седници со исклучена јавност.

„Тоа е направено надвор од законските основи за исклучување на јавноста, како и без следење на процедурите за исклучување и без образложение за причините за истото. На јавната седница не беа усвоени записници од претходните седници, ниту беше реферирано што се случувало на седниците на кои јавноста беше незаконски оневозможена да присуствува, туку Советот продолжи со избор на нов претседател како јавноста веќе да е запознаена со сѐ што се случувало претходно на нејавните седници. На овие нејавни седници, според соопштенијата објавени на веб страната дури откако беше завршена јавната седница од 4 мај, била повлечена одлуката за разрешување на претседателот, иако Законот не предвидува можност за повлекување на донесени одлуки на Советот, но исто така е направено повторно разрешување, повторно надвор од каква било законски предвидена процедура“, стои во соопштението од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Според Платформата вчерашната одлука на Судскиот совет да ги отстрани камерите од просторијата каде се одржува седницата е допшолнително намалување на транспарентноста на Советот.

„Отсранување на камерите на новинарските екипи од седницата е направено прв пат во работата на Советот, а исто така е сторено во многу специфичен момент, односно откако се случија сите претходни отстапувања од Законот и Деловникот за работа. Ова е во насока на тоа дека членовите на Советот ја гледаат транспарентноста и јавноста на нивното работење како главна причина за состојбите, а не нивното сопствено незаконско постапување“, стои во соопштението од Платформата.

Платформата со жалење констатира дека Советот продолжува да ги темели своите одлуки врз незаконско постапување, со што ја урнисува веќе лошата репутација на правосудството во јавноста.

„Имајќи предвид дека неправото не може да стане право, Судскиот совет ја изгуби легитимноста да биде тело кое ќе ја штити судската независност, ќе ја унапреди репутацијата на судскиот систем во јавноста и ќе гарантира отчетност и квалитет во работата на судиите. Затоа бараме сите членови на Советот да поднесат оставки“, стои во соопштението на Платформата.

Поврзани новости