Во досегашната судска пракса и од целосните анализи кои сме ги направиле, увидовме дека нема одбиено барање за определување на посебна истражна мерка, вели судијката на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје Сандра Крстиќ.
– Претпоставувам дека тоа е така, бидејќи сите постапки кои биле поведени резултирале со успешно завршена истрага со подигање на обвинение и добивање на судска разрешница во полза на правдата. Во нашата пракса имаме досега одбиено само две барања за продолжување на ПИ-мерки, но тие се одбиени од формално-процесен аспект, односно биле поднесени после рокот – рече Крстиќ.
Таа додаде судиите на претходна постапка кои одлучуваат за барањата за спроведување на посебни истражни мерки имаат можност да вршат и контрола врз Оперативно-техничката агенција за тоа како ги спроведува тие мерки, но досега такви контроли не се ниту еднаш направени.
-Ние мораме да знаеме во која насока ќе се движиме, што ќе гледаме кога ќе отидеме во ОТА. Судијата има право таму да влезе каде што е радиостаницата, да стави слушалки, да слуша, потоа има право да изврши увид во електронскиот регистар, да се прочитаат логовите. Но, сето тоа е операција којашто ние како судии не може да ја познаваме и затоа имаме предвидено технички советник – рече Крстиќ.