На секои локални избори, победата во главниот град се смета за главниот трофеј. Така е и на овие локални избори, на кои градоначалничката битка во Скопје има уште поголемо значење.
Имено, од исходот во Скопје зависи дали премиерот Зоран Заев ќе продолжи да ја извршува оваа функција, или, пак, тој ќе остане лидер на СДСМ, а партијата ќе предложи друг премиер до следни парламентарни избори.
Оттука, како наближуваа изборите, а особено како ќе се ближеше вториот изборен круг, се интензивираа нападите кон двајцата кандидати – актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов од СДСМ и независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска.
На нивна сметка, политичките опоненти испорачаа низа обвинувања за градење на диво, за местење на тендери, за двојно државјанство, за кражба на струја итн. За што станува збор?
„ПРОФИТЕР“: ТЕНДЕРИ
Со оглед дека Шилегов најави кандидатура за втор мандат неколку месеци пред да му заврши актуелниот мандат, нападите кон него почнаа многу порано. Така, ВМРО-ДПМНЕ, главно преку партискиот портпарол Наум Стоилковски, објави неколку случаи, кои, според опозицијата, укажуваат дека Шилегов злоупотребувал јавни средства.
Паралелно со стартот на изборната кампања, Стоилковски објави случај таканаречен „Профитер“, кој, според него, требаше да открие дека Шилегов остварувал финансиска корист од наместени тендери, без конкуренција и економско наддавање. Во тој контекст, портпаролот на опозициската партија спомена неколку тендери за вршење на градежни работи.
Меѓу нив беше договорот за изградба и реконструкција на булеварот „Никола Карев“, познат како „Пластичарска“. Според информациите што ги сподели Стоилковски, на овој тендер вреден околу 3 милиони евра, наместо да се појават десетина компании, на крајот настапиле само 3, кои притоа понудиле речиси идентична цена. Според Стоилковски, постигнатата цена за работи од типот на копање, асвалтирање и слично е неколкупати повисока од пазарната.
Исто така, Стоилковски го спомна и тендерот за изградба на улицата „Есенинова“ која треба да ги поврзе Кисела Вода и Аеродром. Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на овој тендер вреден над милион евра повторно е склучен договор повисок од реалната цена на чинење, во ситуација кога немало вистински натпревар. За споредба, додаде Стоилковски, на тендерот за булеварот АСНОМ проценетата цена била спуштена 44 пати, бидејќи имало реална негативна аукција.
ВИКЕНДИЦА И КУЌА
Како што посочи Стоилковски на една од многуте прес-конференции, Шилегов во текот на овој четиригодишен мандат го зголемил имотот за половина милион евра. Во тој контекст, тој ја спомена викендицата на Шилегов во Маврово, која во анкетниот лист што скопскиот градоначалник го доставил до антикорупцинерите е наведено дека вреди 55 илјади евра.
–Луксузна вила од над 300 квадратни метри, на два ката, со луксузен двор, со луксузна летна кујна, со луксузна ограда правена од камен и со сите можни удобствија направени и земени за само една година чиновничка плата на Петре Шилегов како градоначалник на Скопје, тој ја пријавува колку еден стан од 40-тина квадрати во центарот на Скопје – рече Стоилковски.
Исто така, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ одржа серија прес-конференции во врска со семејната куќа на Шилегов во скопско Тафталиџе. Според Стоилковски, станува збор дивоградба, бидејќи, како што истакна, Шилегов немал одобрение за доградба, немал платено комуналии, па дури ја надминал котата предвидена во ДУП-от. Воедно, рече Стоилковски, Шилегов не бил сопственик ниту на земјиштето.
–Во важечки ДУП за парцелата каде што Шилегов гради дивоградба, стои висина, највисоката кота, од 8,8 метри и ништо повеќе не е легално. Тоа е во висина на соседните куќи. Според ДУП-от, наведено е приземје, еден кат и поткровје. За поткровје се смета страничен ѕид не повисок од 1.2 метри, исто како кај соседните куќи. Се над тоа се смета за кат, и се над тоа според овој ДУП е дивоградба – обвини Стоилковски.
ДЕМАНТИ
Иако Шилегов првично ги игнорираше овие обвинувања, со образложение дека сака да се фокусира на претставување на изборната програма, сепак, по извесно време одржа прес-конференција на која истакна дека поседува одобрение издадено од Општина Карпош лани во декември за реконструкција на куќа од приземје, два ката и покрив, која е во негова сопственост. Дополнително, истакна дека поседува решение и за приватизација на градежното земјиште.
–Јас уште во јуни најавив дека како ќе се ближи кампањата така ќе бидеме сведоци на разно разни искажани работи што се поврзани за мене. И така е во изминативе 8 години. Секогаш кога немаат со што да се спротивстават на политиките кои што ги креира Шилегов како пратеник, портпарол или како градоначалник на Град Скопје влегуваат во бескрупулозни лаги и црна кампања – рече Шилегов.
Воедно, тој денес ги демантираше и тврдењата на лидерот на Левица Димитар Апасиев дека неговиот син поседува деловен простор во новиот трговски центар „Ист Гејт“, со површина од, како што напиша Апасиев, 350 квадратни метри. Во реакцијата објавена на фејсбук, Шилегов напиша:
„За разлика од противкандидатката, јас веднаш отворено и експлицитно демантирам. Лажните вести нема да ви пројдат на овие избори. Како што веќе покажа, „привезокот” дообработува за газдата. Скопјани не се наивни луѓе. Џабе ги потценувате. Мојот син нема сопственост на деловен простор во новоотворениот Ист Гејт“.
БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИН
Кога Шилегов вели дека директно демантира за разлика од неговата противкандидатка Арсовска, тој всушност алудира на нејзините реакции откако СДСМ обелодени дека таа и нејзиниот сопруг се и бугарски државјани. Како што е познато, Славјанка Петровска од СДСМ пред неколку дена покажа документ, кој, тврди Петровска, покажува дека Арсовска во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство.
–Цели 10 години Данела Арсовска има резервна татковина. Од кои побуди побаравте бугарско државјанство, за чии интереси одработувате – за унгарските, за бугарските или за оние на Никола Груевски. Зарем мислите дека скопјани ќе дозволат некој кој е инсталација на Груевски во Будимпешта, некој кој е граѓанин на друга држава, да го руши градот – праша Петровска.
Додека оваа тема влезе во фокусот на македонските, но и бугарските медиуми, Петровска објави нови документи, кои, според неа, покажуваат дека Арсовска поседува и бугарска лична карта, издадена во 2017 година со адреса во западнобугарскиот град Петрич. Бугарска лична карта, додаде Петровска, имал и нејзиниот сопруг, која била издадена во истиот период.
–Во овој случај, не е важно Даниела како се чувствува, Северна Македонија е татковина за сите. Но, проблемот е што Данела Арсовска ги лаже граѓаните, има нечесен и неискрен пристап кон нив. Ако Данела лаже и крие за нејзиното бугарско државјанство, можете да замислите што се друго крие и лаже – рече Петровска.
ДОЛГ ЗА СТРУЈА
Претходно, и пратеникот на СДСМ Дарко Каевски одржа неколку прес-конференции, обвинувајќи дека фирми на Арсовска направиле долг за струја. Според Каевски, станува збор за друштвата „Империал-Данела“ ДООЕЛ Скопје и „Империал“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, во кои Арсовска била управител и сопственик. Овие фирми, истакна Каевски, со години под закуп ја имале спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода, каде, според него, не плаќале струја и направиле долг од 54 илјади евра.
Покрај тоа, Каевски обвини дека Арсовска и нејзините и семејните фирми ја оставиле салата Расадник како „руина“. Како што изјави тој, „Империал Данела“ ДООЕЛ Скопје во 2002 година потпишала договор за закуп на спортската сала Расадник. Со договорот за месечна закупната од илјада евра, според него, фирмата презела обврски што не ги реализирала.
Инаку, врз основа на документацијата што ја приложи, Каевски изјави дека со членот 4 од договорот фирмата се обврзала да ја реновира кровната конструкција, да го смени паркетот на теренот, да ги реновира соблекувалните и да го уреди просторот околу салата. Понатаму, додаде Каевски, договорот има и анекс со кој се додаваат и хотел со 24 легла, пет терени за сквош, фитнес-центар, отворен базен, помошни објекти и петнаесет бунгалови.
–Ништо од ова како што гледате не е направено. Ова е потврда дека Данела не може да управува ниту со сала, а најмалку со град. Со неа на чело на Градот, и Скопје би бил запуштен и запоставен како оваа сала – рече Каевски, барајќи граѓаните да гласаат за нејзиниот противкандидат.
РЕАКЦИИ
Наспроти тоа, Арсовска ги негира обвинувањата за долг за струја, оценувајќи дека се работи за „безобразна политичка конструкција“. Притоа, таа најави дека ќе поднесе тужба за клевета до Каевски, бидејќи, како што рече, таа не е политичар и зад неа не стои политичка партија да ја брани, па затоа ќе се брани по институционален пат.
„Веќе седум години со својот ангажман сум претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија и со години не сум активна во ниту една фирма. Повеќе од очигледен е стравот на СДСМ и Шилегов дека нивното време во град Скопје завршува и дека сите злоупотреби на градот ќе бидат отворени и предмет на ревизија“, стои во нејзината реакција.
Во однос на обвинувањата дека има бугарско државјанство и лична карта, таа оцени дека тоа се небулози, потенцирајќи: „Немам ниту една дамка, а на некои им гори под нозете“. На дополнително прашање дали демантира дека има бугарско државјанство, таа одговори:
„Да точно така. Но мора да ми верувате. Ако јас како човек секој еден ден сите небулози и сите лаги и сите напади кои ги имаше врз мене како човек и како професионалец, врз моето семејство, се доведував во прашање да ги дискутирам јас во оваа кампања ќе дискутирав само во функција да се бранам наместо да презентирам проекти…“.
Во меѓувреме, таа се огласи и во врска со прозивките за контакти со поранешниот премиер Груевски и за титулата почесен конзул на Унгарија, реагирајќи дека на официјални форуми повеќе имала контакти со Заев отколку со Груевски, а согласноста за назначување на посечен конзул ја издала токму актуелната влада.
Влатко Стојановски