Откако вчера во Скопје беа регистрирани дури 26 заразени од Ковид 19, денеска таа бројка се намали на 12, се наведува во дневниот извештај на министерството за здравство.
Според информациите на „Фокус“ од 12-те заразени во главниот град речиси сите се од Чаир, Сарај, Бутел и Гази Баба. Во последните десетина дена, овие скопски општини се најголема мета на опасниот вирус Ковид 19.
Како што досега неколку пати најавија здравствените власти, семејните собири и групирањата се главните проблеми што по драстичното намалување на бројките на заболени од корона вирус, сега заразата повторно букна.
Со оглед на тоа што веќе неколку денови има алармантни бројки, Комисијата за заразни болести пред некој ден предложи до владата да се воведе полициски час за Рамазан Бајрам и Денот на словенските просветители „Св. Кирил и Методиј“ од сабота од 19 до вторник до 05 часот, односно карантин од дури 58 часа.
Денеска во 17 часот на владина седница треба да биде донесена одлука дали ќе биде прифатен предлогот на Комисијата за заразни болести.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.921, бројката на оздравени пациенти е 1.387, на починати е 112, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 422.
Ирена Мулачка