Сиромавиот плаќа двапати

by Фокус

Поскапувањето на каматата на депозитите ќе ги поскапи каматите на кредитите зашто каматата на кредитите е заработката на банката, а онаа на депозитите е трошок. Кога трошокот расте, расте и приходот, и затоа месечната рата за станбен или за потрошувачки кредит ќе биде поголема.

Пишува: Гордана ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

Според последниот податок што го објави Државниот завод за статистика, просечната месечна нето исплатена плата за месец март изнесува 34.925 денари.

Во оваа колумна нема да пишувам за тоа дека, иако просечната плата расте, сепак нејзината реална вредност се намалува, затоа што цените растат побрзо од растот на платата.

Или, како што секој еден граѓанин вели: со 1.000 денари денес не може да се купи ниту половина од она што се купувало пред нецели две години.

Овојпат истражував колкав е процентот на лица кои имаат плата до просечната и над нејзе, а потребата за истото произлезе од идејата на владата да издаде граѓанска обврзница.

И секако најважното, анализирав податоци од исплатени плати, зошто не е важно колку некоја компанија пресметала плата за својот вработен, туку дали ја исплатила во законскиот рок.

ОЧАЈНИ ПОДАТОЦИ

Податоците се очајни, застрашувачки! Во месец март плата имаат примено околу 571.000 лица за кои уредно се платени сите придонеси согласно законот.

Од вкупниот број на лица, 18 проценти имаат плата до минималната т.е. 20.175 денари, потоа до 25.000 денари плата примаат уште 30 проценти од вкупниот број, до 30.000 денари уште 15 проценти и до 35.000 уште 22 проценти или под просечната нето плата за месец март имаат околу 85 проценти од вкупните лица кои примиле плата за месец март.

Имајќи предвид дека со две просечни нето исплатени плати едно четиричлено семејство одвај преживува, можеме слободно да заклучиме дека 85 проценти од вработените лица немаат услови да штедат.

Оттука се поставува прашањето: Зошто владата доби идеја да издава граѓанска обврзница, кога наместо позитивни ефекти ќе го дозагорчи животот на граѓаните?

Зошто е тоа така?

Да се вратиме на ветувањата за еднаквост или праведно општество кои беа дел од изборната програма на СДС во 2016 година. Еднаквоста ја продаваа со приказната дека прогресивниот данок ќе го реши проблемот и ќе имаме поправедно оданочување, богатите ќе плаќаат повеќе. Од таа причина, прогресивниот данок го воведоа во 2019 и истата таа година одлучија да го укинат.

Тоа беше првиот доказ дека немаа разработен концепт ниту пак знаат што е тоа праведно општество, зошто платата не е единица мерка за праведно оданочување, но затоа никој тогаш не спомнуваше поседување на депозити, недвижни и движни ствари и слично како единица мерка за богатство, поправедно оданочување и поголема еднаквост.

По овој неуспех, денес сме сведоци на нова лудост и тоа издавање граѓанска обврзница. Ваквата одлука ќе ги поскапи каматните стапки на сите можни кредити кои ги има населението, а токму најголемиот дел од кредитите ги имаат оние 85 проценти граѓани кои ги споменав погоре во текстот.

А зошто ќе дојде до поскапување на кредитите?

КОРУПТИВНИ ЦЕЛИ

Државата е толку неатрактивна и несигурна, што единствен начин да ги привлече лицата кои имаат депозити е да им понуди камата повисока од онаа што ја даваат од банките.

На овој начин прво, ќе заработат богатите (тие имаат депозити во банки), што значи дека праведно општество е историја и стои како потсетник само во програмата „План за живот“ од 2016 година.

И второ, банките за да ги задржат депозитите ќе мора да се наддаваат со државата т.е. кој ќе даде повисока камата – тој ќе ги добие заштедените пари на побогатите граѓани.

Поскапувањето на каматата на депозитите ќе ги поскапи каматите на кредитите зашто каматата на кредитите е заработката на банката, а онаа на депозитите е трошок. Кога трошокот расте, расте и приходот и затоа месечната рата за станбен или потрошувачки кредит ќе биде поголема.

Покрај растот на цените на храната, граѓаните ќе треба да одвојуваат и поголема месечна рата за кредитот.

На овој начин, наместо праведно општество и концепт на еднаквост, владата создава уште поголем јаз меѓу богатите и сиромашните. Оние коишто имаат за своите пари ќе добијат повеќе, а оние кои имаат под просечната плата ќе треба да им ги платат повисоките камати за депозити на богатите.

И наместо да се гледа светло на крајот од тунелот, во конкретнава ситуација не е така, бидејќи парите кои владата сака да ги прибере преку граѓанската обврзница ќе се користат исклучиво за коруптивни цели.

Ако идејата беше поразлична владата ќе издадеше развојна или проектна обврзница како што е концептот на општините во кои градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, така бар ќе се знаеше за што ќе се трошат парите.

И така еднаквоста останува само сон на посиромашните зошто наместо побогатиот повеќе да плаќа, кај нас е обратно. Се потврдува онаа народната: Сиромавиот плаќа двапати.

(Авторката е потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости