Сириските демократски сили денеска соопштија дека ги продолжуваат операциите против џихадистите од Исламска држава во источниот дел на Сирија.
– Повторно покренавме воена операција против ИД во Деир Езор. Нашите сили соработуваат со силите на коалицијата, изјави командантот на курдските сили Мазлум Абди.
Тој додаде дека присуството на американските сили е важно за баланс на силите во Сирија.
– Сакаме Американците да имаат одредена улога во Сирија, за Русија или некој друг да нема монопол на теренот. Во наш интерес е американските сили да останат, со цел да се постигне рамнотежа. Посочи Абди.
Претходно, Министерство за надворешни работи на Русија соопшти дека руска делегација денеска во Дамаск разговарала со претседателот на Сирија, Башар ал Асад за решавање на кризата во североисточниот дел на земјата.
– Главна тема на разговорите беше актуелната ситуација на теренот во Сирија поради зголемените тензии во североистичниот дел на земјата, се наведува во соопштението.
На средбата посебно е истакната потребата за преземање мерки за деескалација на тензиите со цел да се осигура безбедност во тоа подрачје.
Турција на 9 октомври, два дена по одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп за повлекување на американските војници од Сирија, ја покрена операцијата Извор на мирот против курдските сили. Анкара истакна дека цел на операцијата е да создаде „тампон зона“ за заштита на турската граница, во која би можеле да се вратат сириските бегалци од Турција.