Сириските власти денеска ја осудија, како што нагласија, „варварската и брутална агресија“ на западните земји врз Сирија.
Според Дамаск, нападите што рано изутринава ги извршија САД, Велика Британија и Франција, имале за цел да ја спречат мисијата на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЦВБ), која требаше да почне денеска во Дума, со задача да утврди дали во тој град минатата сабота бил извршен напад со хемиско оружје,
– Главна цел на агресијата е да се спречи работата на тимот и да се изврши притисок врз мисијата во обид за прикривање на лагите и измилсиците на Западот, се наведува во реакцијата на сириските власти.
Дамаск во соопштението посочува дека нападите нема да ја поколебаат сириската армија во нејзината решителност да ја засили борбата против бунтовниците и да воспостави контрола врз целата територија на земјата.
– Таа агресија само ќе ги зголеми тензиите и ќе ја загрози меѓународната безбедност, се истакнува во соопштението.
Во исто време, сириската армија соопшти дека при денешните напади врз цели во реоните на Дамаск и Хомс немало човечки жртви.