Синтелон, мебел, метларки… Што добиваат културните објекти за 870.000 евра?

by Fokus

Со сума од 53.682.700 денари, односно над 870.000 евра ќе се финансираат проекти од национален интерес од областа на инвестициско и тековно одржување на објекти и опрема во државна сопственост од областа на културата во 2022 година, информираат од Министерството за култура.
Одобрени се 102 проекти и за голем број на центри за култура, театри и уметнички галерии ќе се набави разна опрема, ќе се извршат санации и реновирања.

Така на пример, НУ Театар Комедија Скопје, ќе го реконструира гледалиштето со сума од три милиони денари.

За набавка на опрема (не е прецизирано каква) за НУ Албански театар Скопје се одобрени 2.200.000 денари, плус за тековно одржување на објектот сума од 855.700 денари, и сума од 860.000 денари за доработка на покривната конструкција.

За климатизација и вентилација на киносалата, за НУ Кинотека на РСМ Скопје, одобрена е сума од 1.400.000 денари.

Во НУ Центар за култура ,,Кочо Рацин” во Кичево, пак за промена на синтелонот во фоајето на центарот се одобрени 144.825 денари.

За Центарот за култура ,,Ацо Ѓорчев” Неготино, за набавка на компјутер и компјутерска опрема се одобрени 200.000 денари, како и 14.325 денари за тековно одржување на ПП опремата.
За НУ Центар за култура Крива Паланка, одобрени се 250.000 денари за набавка на мебел за библиотеката.

За реновирање на гардеробите во НУ Народен театар Битола се одобрени 1.200.000 денари, а пак за тековно одржување на објектот НУ Центар за култура ,,Јордан Хаџи Константинов – Џинот” се одобрени 1.900.000 денари.

За НУ Историски музеј Крушево, одобрени се 305.000 денари за набавка на машина за метење, 31.000 денари за огласни табли, 100.000 денари за осветлување на објектот на Музеј-леарницата, 150.000 денари за видео надзор во Музејот на Илинденското востание и Крушевската република, како и 350.000 денари за завршна фаза од поставување дограма во истиот музеј.

Ќе се набавуваат ПП апарати за НУ Археолошки музеј Скопје за 500.000 денари, а во НУ Филхармонија за 250.000 денари ќе се испитува системот за противпожарна заштита.

Комплетната листа со одобрените проекти е објавена на страницата на Министерството за култура.

Вики Клинчарова

Поврзани новости