Синовите на Стевчо Јакимовски – градоначалник на Општина Карпош влегуваат во бизнис заедно со Борче Петровски, поранешен директор на Клинички центар и поранешен директор на Клиника за кардиологија во Скопје, пишува „Фактор.мк“.
Информациите се дека Дамјан и Гоце Јакимовски се основачи на „Фоибос ДОО Скопје“, заедно со специјалистичката ординација по кардиологија „Прима“ во сопственост на познатиот кардиолог Петровски.
Фирмата е регистрирана на адресата на ординацијата „Прима“ во зградата во скопски Млечен Ресторан во Карпош. Меѓу основачите се и докторите Роберт и Александар Шумковски, од кои едниот е познат неврохирург, а другиот абдоминален хирург.
Петровски во изјава за „Фактор“ вели дека во наредниот период со свои удели во проектот ќе влезат нови странски содружници од Австрија, Холандија, Канада и Грција, а фирмата најпрво ќе започне со носење на нови напредни технологии и опрема за разни медицински дејности.
– Едниот од синовите на градоначалникот живее во Канада и таму тој има свои контакти со деловни партнери. Така дојде до соработка. Тие сакаа да се вклучат во проектот, а допрва ќе се вклучуваат нови партнери од странство. Целта е да го подобриме македонското здравство и да донесеме нови знаења. Криво ми е што порано доаѓаа пациенти од странство тука, а сега наши одат во Турција само за да стават еден стент, вели Петровски.
Тоа што фирмата е регистрирана со дејност „управување со недвижен имот“, како што вели тој, е само општа назнака. Петровски додава дека проектот е старт-ап кој најверојатно ќе прерасне во приватна поликлиника.
– Ние ќе работиме со стручњаци од странство, со помош на современи технологии и тоа ќе треба да даде придонес да се поправи општото здравство во земјата. Пристапот ќе биде со една нова стратегија и ќе бидат воведени нови процедури на лекување – додава тој..
За оваа информација се обративме и кај градоначалникот Јакимовски, но од негова страна не ни беше овозможено да стапиме во контакт.