Леонардо Илиев, 21-годишниот син на скопјанецот Зоран Илиев, познат во јавноста како Зоки Роџер, ја освојува музичката сцена во Австралија.
Тој се појави во тамошното популарно шоу ,,The voice”, со своја авторска песна, а неговиот настап кој го крена жирито и публиката на нозе веќе има над 435.000 прегледи.
Додека Леонардо рапуваше, неговиот татко и браќата го бодреа позади сцената и расположено играа.
Инаку, семејството Илиеви се пресели од Македонија во Австралија во 2016 година. Според светски познатото списание ,,Форбс’’ во Скопје се наоѓа еден од најлуксузните и уникатни апартмани во светот, а истиот е дел од комплекс, односно куќа со три ексклузивни апартмани, каде секој милиметар претставува патување низ времето, спој на различни стилови и мистика, кој Зоран го градел цели шест години.
Фасцинантното архитектонско и уметничко дело, инспирирано од сликарот Салвадор Дали, беше завршен во 2006 година, а туристите кои доаѓале таму, не можеле да им веруваат на очите од она што го гледале.
По преселбата во Австралија, Зоран Роџер за ,,Фокус” раскажа дека го продава целиот комплекс, кој го градел со многу љубов, со цел да си го оствари сонот и со семејството, сопругата, трите сина и ќерката да живее во овој необичен дом уреден како во бајка.
-Приказната зошто се иселивме од Македонија е голема… Повеќе сме избркани од системот со преголеми неправди какви нема никаде во светот! Тие што знаат што ни се случи – разбираат, ни раскажа тогаш Илиев, појаснувајќи дека не планира да се враќа назад во Македонија.