Синот на собранискиот спикер, Талат Џафери, Барлет Џафери положил правосуден исипит во време кога Министерството за правда го водел, Аднан Јашари, кадар на ДУИ, соопшти Министерството за правда, но документацијата за синот на Џафери, кој наскоро ја завршува Академијата за судии и обвинители и ќе биде или судија или обвинител, не се чува за да се утврди дали синот на Џафери го положил правосудниот испит пред да заврши Правен факултет.
Според извори на „Фокус“, Јашари тогаш имал дискреционо право и му дозволил на Џафери предвремено полагање, но сега во Министерството не може да се најдат документите бидејќи се уништени, односно досегашната пракса била документие да се чуваат една година.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на вчерашната седница одлучи дека не може да се отвори предмет за случајот со синот на Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата.
ДКСК утврди дека Барлет Џафери се здобил со право да полага правосуден испит, иако сè уште не бил дипломиран, меѓутоа дека немаат услови за да го докажат тоа.
-Од документацијата со која располагаме можеме да заклучиме дека студиите со кои се стекнал со триста кредити кандидатот ги завршил по положувањето на правосудниот испит.
Не ни се совпаѓа потребното време од стекнувањето на триста кредити до можноста да се полага правосуден испит, меѓутоа не можеме тоа да го потврдиме бидејќи документите во Министерство за правда не се чуваат, затоа што се работи за предмет со постари датуми и не постојат мерки од наша страна што можеме да ги преземеме. Единствено што можеме да потврдиме е дека лицето Барлет Џафери ги исполнил условите за на Академија оти имал положено правосуден испит, но како се стекнал со правото за правосуден испит не, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска не одговори на нашите повици за да ја прашаме какви документи има поднесено синот на Џафери до Академијата и со кои датуми. На прашањата што се случило со документите одговор не добивме ниту од поранешниот министер за правда, Јашари кој го ставил потписот.
Коментар не добивме ниту од собранискиот спикер, Талат Џафери.
Според соопштението од Министерството за правда Џафери положил правосуден испит на 05.02.2015 година, а потписот за положениот испит го ставил тогашниот министер за правда Аднан Јашари. Документите на кандидатите кои полагале правосуден испит било пракса да се чуваат една година.
-Во врска со случајот со Барлет Џафери кој го водеше Државната комисија за спречување на корупција Ве информираме дека согласно евиденционата тетратка за положени кандидати што се води во Министерството за правда и е од трајна вредност, лицето Барлет Џафери има положено правосуден испит на 05.02.2015 година.
Потписот за положен правосуден испит го ставил министерот за правда кој ја извршувал функцијата во 2015 година. Во врска со наводите на ДКСК за немањето документација за положен правосуден испит на Џафери, Ве информираме дека согласно член 27 од Уредбата за канцелариско и архивско работење (“Службен весник на РМ”, бр.01/14), министерот за правда секоја година носи листа на документиран материјал со рокови за негово чување за потребите на Министерството за правда. Во однос на рокот за чување на документацијата во Министерството за правда, досегашната пракса била документите на кандидатите односно барањата и другата придружна документација на кандидатите за полагање правосуден испит да се чуваат една година, соопштија од Правда.
За да се надминат евентуалните можни злоупотреби околу полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда ја разгледа можноста за електронско пријавување на правосудниот испит преку Националниот портал Е-услуги. На тој начин кандидатите ќе ги поднесуваат своите документи по електронски пат.
Синот на Џафери во декември треба да ја заврши Академијата на судии и јавни обвинители и се очекува да пополни некое од испразнетите судски или обвинителски места.
Ф.Ф.С.