Андреј Бабиш Помладиот изјави дека ќе поднесе кривична пријава против својот татко, чешкиот премиер Андреј Бабиш, во врска со наводната измама при добивање субвенции од Европската Унија, објави чешкиот портал „Деник Н.“.
-Против мене се извршени злосторства. Татко ми треба да одговара на суд за она што се осмели да ми го направи, изјавил Бабиш Помладиот за чешкиот портал.
Бабиш го обвинува својот татко дека го вовлекол во случај на наводна злоупотреба на европските фондови, само еден месец пред парламентарните избори во Чешка, пренесува бриселскиот портал „Еурактив“.
Тој, исто така, тврди дека бил задржан на Крим против своја волја во 2018 година, за да не сведочи во тој случај.
Премиерот ги отфрла обвинувањата и тврди дека неговиот син е ментално болен.
На 9 септември чешката полиција го повикала Бабиш Помладиот на информативен разговор, при што тој на истражителите им предал експертско мислење во кое се наведува дека нема проблеми со менталното здравје.
Бабиш Помладиот е осомничен дека илегално добил два милиона евра од фондовите на ЕУ за изградба на фармата наречена „Штрково гнездо“ во 2008 година. Потоа, наводно, тој ја пренел сопственоста на фармата, која била дел од неговиот концерн „Агроферт“, за да може да добие европски грантови за мали и средни претпријатија, а по пет години фармата била вратена во сопственост на концернот.
Полициските истражители препорачаа поднесување кривична пријава против Бабиш во јуни, но државниот обвинител го врати случајот во полиција за понатамошна истрага, така што тој е сѐ уште отворен.