Текстот е објавен на 9 август, 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 931
Пишувала Ирена МУЛАЧКА
Новиот папа на Ватикан Франциск, кој пред неколку месеци седна на светиот престол, е вистински пример за скромност и социјална праведност. Тој како кардинал на Буенос Аирес живеел во мал стан, наместо во епископска резиденција, се откажал од превоз со лимузина и приватен шофер, а низ градот постојано се возел со автобус за да биде на ниво со своите сограѓани. Карактеристично за него е и што сам пазарува во супермаркет и сам си ја приготвува храната.
Пред да стане нов лидер на Римокатоличката црква, папата Франциск упати апел до Аргентинците, наместо да патуваат до Рим за да го прослават неговиот избор, парите да им ги дадат на сиромашните.
За разлика од него, со вакви карактеристики за скромност не можат да се пофалат македонскиот поглавар г. г. Стефан и архијерејите на Светиот синод на МПЦ. Тие живеат во луксузни и раскошни резиденции, возат скапи џипови и автомобили и земаат плата од по неколку илјади евра. Но, точната сума на парите и црковниот имот е најстрого чувана тајна, мистерија за сите!
Црковните веледостојници постојано велат дека тие не се должни да полагаат сметка никому затоа што отчет даваат само пред очите и ушите на Бога. Па, зарем е грев кон Бога да се знае колкави се платите и пензиите на македонските архиепископи и владици?
ЦРКОВЕН ЖИВОТ СО ВИСОКИ ПЛАТИ И СО РАСКОШНИ РЕЗИДЕНЦИИ
Живот обвиен со мистичност и со теории на заговор. Овие неколку зборови, на вистински начин го опишуваат животот на црковните веледостојници, кои како змија нозе ги кријат платите и пензиите што ги земаат.
Според информациите до кои дојде „Фокус“, поглаварот Стефан зема месечна плата од околу 3.000 евра, додека другите владици земаат плати околу 2.000 евра. Тука се вклучени редовната плата за митрополитските обврски и хонорарите што легнуваат на сметка на митрополитите. Сепак, во црковните кругови се шпекулира дека платата на архиепископот е многу повисока!
За него јавно не се знае ништо. Иако не е заветен на молчење, тој дефинитивно молчи како риба. За архиепископот Стефан јавно не се знае ниту колкава плата има, ниту што заработил додека е на оваа функција. Тој стана поглавар на свои 44 години и за него нема да важат законите на државата, па ќе остане на тронот и кога ќе наполни 64 години. Ниту тој, ниту неговите колеги не поднесуваат анкетен лист за имотната состојба. Јавноста малку знае за нивниот живот, а уште помалку за нивните приходи и пари.
Иако го дале заветот на сиромаштвото, кога се замонашиле, митрополитите во сите епархии се стотици пати побогати од починатиот бугарски патријарх Максим, кој земал месечна плата од 340 евра и ја подарувал во софискиот дом за хендикепирани деца. Кога починал, тој како единствен имот поседувал стар часовник и машина за пишување. Бугарскиот патријарх немал лична сметка во банка, ниту автомобил, станови, вили или земја. На располагање имал автомобил „мерцедес“, стар 21 година. Со слична имотна состојба располагал и починатиот поранешен српски патријарх Павле, кој, меѓу другото, редовно користел градски превоз или одел пеш.
За разлика од нив, македонските митрополити тераат живот на висока нога.
Митрополитот на Дебарско–кичевската епархија, г. Тимотеј вели дека не е проблем да се знае нивната плата, но зошто токму тоа треба да нѐ интересира?
– Вие ги средивте сите работи во државата, па ви дојде до платите на владиците. Еве, јас земам 40.000 денари. Дали сте задоволни од одговорот? И ние имаме потреби како сите други луѓе. А ако не ми верувате, одете во Пензиско и проверете – вели владиката Тимотеј.
Од друга страна, брегалничкиот владика Иларион не сакаше да одговори на ниту едно од прашањата на „Фокус“. Не сакаше да каже колкава плата зема и топката ја префрли на Светиот синод, па нѐ упати одговорите да ги побараме таму.
ЛУКСУЗНО АВТОШОУ ВО ВОЗНИОТ ПАРК НА ВЛАДИЦИТЕ
Во меѓувреме, многумина од владиците ги обновија и епархиските резиденции ги направија луксузни места за живеење. Митрополитот Тимотеј има ново епархиско седиште и резиденција во Светиклиментовото училиште, кое е старо повеќе од еден век и се наоѓа на Плаошник.
Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата за односи со верските заедници, вели дека на владиците духовното секогаш треба да им биде пред материјалното.
– Јас едно знам, а тоа е дека владиците треба да бидат посветени на духовното, а не на материјалното. Тоа е основа на Библијата. Нивното живеење е работа со верниците и со социјално загрозените граѓани кои имаат потреба за помош. Никако приоритет не треба да им бидат парите и луксузниот начин на живот – вели Божиновска.
Уште поапсурдно во целата ситуација е тоа што дел од владиците се во пензија и по неколку години, но сѐ уште го држат местото во Синодот. Таков беше случајот со неодамна починатиот кумановско-полошки владика Кирил, како и со битолскиот владика Петар, кој веќе три години е во пензија, но сѐ уште не ја напушта својата епархија.
Освен редовните пензии, владиците можат да заработат хонорари бидејќи доживотно можат да држат литургии.
Колку во последните години македонските митрополити го ставаат материјалното пред духовното? Ова прашање честопати одекнува меѓу верниците, за кои животот на црковните веледостојници отсекогаш бил заштитен со ѕид. Тие речиси на сите црковно-народни собори се појавуваат во своите луксузни џипови и автомобили, од кои најевтините модели чинат од 25.000 до 50.000 евра. Само луксузниот „мерцедес P350“ на г. г. Стефан чини околу 100.000 евра!
Во возниот парк на владиците се случува луксузно автошоу. Таму може да се забележат џиповите „гранд чироки“, „туарег“, „ленд крузер“, како и „ауди“, „мерцедес“, „БМВ“ и „тојота“. По разните критики упатени на нивна сметка, последната година на црковно-народниот собор тие се поштедија од „злобните“ коментари на верниците и одбегнаа да дојдат со своите скапи возила.
Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека какви џипови и автомобили возат владиците и кој ги плаќа, не треба никого да го интересира.
– Ние такви одговори не можеме да даваме. Сите се на одмор. Не ми е јасно зошто ова прашање ве интересира? – беше краткиот одговор што го добивме од МПЦ.
ВО ЦРКВИТЕ „ЦВЕТА“ БИЗНИСОТ СО ПРИВАТНИ ПЕНЗИИ
Огромните суми пари што се влеваат во касата на МПЦ се користат и за плаќање приватни пензии на повеќето од свештениците. Повеќе од една година низ сите епархии е развиен „бизнисот“ со приватните пензии, кој е најактуелен во Брегалничката епархија, каде што повеќе од 60 отсто од свештениците се приватно осигурани. За ова тие добиваат амин од владиците.
Уште од сега за стари денови се осигуруваат поповите во Скопската епархија, Преспанско–пелагониската и Струмичката епархија.
Годишно свештениците уплаќаат во приватните осигурителни компании од 600 до 1.200 евра, а по одврзаните раце од поглаварот на МПЦ г. г. Стефан тие сами одлучуваат на колку пари ќе ја направат полисата.
– Веќе втора година на сметка на црквата се плаќаат приватни пензии. Тоа ни го плаќа црквата бидејќи ако треба да плаќам јас од свој џеб, не знам од каде ќе најдам пари. Тоа значи дека по 20-30 години, освен пензијата што ќе ја земеме од државата, ќе добиваме и приватни пензии. Секоја епархија си решава на која сума ќе бидат направени полисите – објаснуваат црковни извори.
Владиката брегалнички Иларион вели дека е запознаен со плаќањето приватни пензии на свештениците, но не знае како точно се одвива процесот. За повеќе детали тој нѐ упати во Скопската епархија.
Пред неколку месеци, владиката Агатангел од Повардарската епархија потврди дека се плаќаат приватни пензии, но дека секој свештеник си уплаќа од свои пари.
Иако Светиот синод е затворен круг во кој не допира ниту една институција или верник, сепак ние решивме да се позанимаваме со оваа финансиска тема. Но, очигледно, кога се во прашање парите, тие се најотворени кон верниците кога имаат потреба од донации за некој од манастирите, кој бил „жртва“ на пожар бидејќи нормално тие немаат пари за тоа. Нивните лични финансии ги кријат од надворешните „непријатели“. Се надеваме дека македонските владици нема да ни фрлат анатема затоа што чепнавме внатре зад црковните порти!
Рамка:
ПРВИТЕ АРХИЕПИСКОПИ НА МПЦ БИЛЕ ПРИМЕР ЗА СКРОМНОСТ
За разлика од сегашниот архиепископ Стефан и владиците на Светиот синод на МПЦ-ОА, во црковните кругови постоеле и скромни архиепископи. Како пример за скромност се споменуваат имињата на поранешните архиепископи Доситеј, Гаврил и Михаил.
Првиот архиепископ Доситеј бил светогорски монах и целосно го исполнувал заветот на сиромаштвото. Тој цела своја плата им ја раздавал на луѓето за разни нивни потреби и во фондот што го носел неговото име. Со исти карактеристики како него е г. г. Гаврил. Тој не живеел во резиденција, туку во мало станче.