Тенисерот број еден во светот – Јаник Синер е победник на турнирот Мастерс 1000 вреден 10.298 милиони долари во Шангај, Кина, па оваа сезона ќе ја заврши како број 1 на АТП листата, како прв Италијанец во историјата.
Тој ја оправда улогата на фаворит и го доби својот трет меч по ред против Новак Ѓоковиќ.
37-годишниот Србин по 1 час и 36 минути мораше да го признае поразот од Синер со 6-7 и 3-6, па Ѓоковиќ се уште ја чека својата 100-та АТП титула.
„Тоа беше тежок натпревар против Ѓоковиќ, еден од најтешките предизвици што постои. Тој е легенда на нашиот спорт“, рече Синер.
„Тој сервираше многу добро во првиот сет. Потоа одиграв многу добар тајбрејк, што ми даде самодоверба” рече Италијанецот.
За Ѓоковиќ, кој напредуваше до шестото место во трката за завршниот турнир сезонава во Торино, олимписката победа во Париз останува единствената, иако многу вредна, титула оваа година.
Синер изедначи во мечевите со Ѓоковиќ на 4-4, а Италијанецот ја освои третата титула на Мастерс 1000 и седми триумф на АТП оваа година, притоа стигнувајќи до својот 17-ти турнир во кариерата.
Со пласманот во финалето, Синер веќе го обезбеди првото место на крајот на годината и дополнително ја зацврсти таа позиција. Зад сите спортски успеси, останува знак прашалник за неговата блиска иднина. По ослободувањето од обвинението и покрај двата позитивни допинг теста, тој се соочува со забрана, бидејќи Светската антидопинг агенција (ВАДА) неодамна поднесе жалба до Меѓународниот спортски арбитражен суд (CAS) во Лозана.