Синер мора повторно да оди на суд поради допинг, му се заканува повеќегодишна суспензија

by Fokus

Светскиот тенисер број еден, Јаник Синер, беше ослободен од независен трибунал откако двапати беше позитивен на забранета супстанција во март 2024 година. Сепак, Светската антидопинг агенција (ВАДА) ја обжали одлуката за ослободување на Италијанецот.

Така, целиот случај со допинг ќе се разгледува зад затворени врати пред Судот за спортска арбитража (CAS) од 16 до 17 април 2025 година.

Агенцијата тврди дека пресудата, според која Синер не бил виновен, „не е точна според важечките правила“ и бара суспензија „од една до две години“.

Во кусото соопштение, CAS во петокот рече: „Ниту една страна не побара јавна расправа и таа ќе се одржи зад затворени врати“.

Синер ја започнува одбраната на титулата на Австралија опен во понеделник и ќе се соочи со Чилеанецот Николас Жари во првото коло.

Да потсетиме, Синер двапати беше позитивен на клостебол – стероид кој може да се користи за градење мускулна маса – за време на турнирот во Индијан Велс минатата година. Тој не спори дека во урината му биле пронајдени траги од клостебол, но успешно докажал дека контаминацијата е ненамерна, преку неговиот физиотерапевт.

Меѓународната агенција за тениски интегритет (ITIA) прифати дека Синер „нема вина или небрежност“ и дека дал „веродостојно“ објаснување.

Сепак, неговиот случај со допинг – како и случајот со петкратната грен слем шампионка Ига Швионтек – предизвика дебата за тоа како со таквите случаи се постапува во тенисот.

Поврзани новости