Синдром на неподнослива сличност

by Фокус

Неспорно, постојат луѓе што се обидуваат да ги мобилизираат масите, да направат промени, да укажат на проблемите. Меѓутоа, нивниот број е мал, па воопшто не зачудува што нема речиси никакво влијание. Парадигма беа протестите од неколку стотици луѓе против промената на името и обезличувањето на државата. Против такво невидено велепредавство, реакцијата беше симболична, па се поставува прашањето што треба да се случи народот да се разбуди?

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Познатиот филмски и театарски режисер, актер и писател Вуди Ален, во комичната филмска драма со елементи на фантастика „Зелиг“ зборува за уникатна човечка способност да се трансформира, односно презема физички и психички идентитети од други ликови и ги имитира.

Куриозитет претставува фактот што токму поради допирните точки со ова ремек филмско дело, бил откриен редок облик на психичка девијација со однесување слично на главниот лик од филмот, Леонард Зелиг, поради што ваквата психодијагноза е наречена „Зелигов синдром“.

Синдром карактеристичен за сите партиски водачи во владите на „независна“ Македонија, од последната деценија на минатиот век до денес. Нема разлика во нивната ментална матрица. Сите се исто лајно, победата ја доживуваат и ја практикуваат како „плен за ограбување“. Опсесијата за власт, сласт и маст им станува официјална политика и смисла за постоење!

КОЛЕКТИВНА ДЕПРЕСИЈА

Народот е во колективна депресија. Гледа со свои очи и е сведок на процесите во државата, но очекува друг да го оправи гнилиот систем. Статус кво ситуацијата трае повеќе од три децении, па човек со елементарна логика се прашува кога ќе заврши бесконечната транзиција и ќе дојдат посакуваните промени?

Бош прашање! Функционирање е движење кон излез од маѓепсан круг и прекратување на пат позицијата. Трансформирање не е кога исти луѓе повторно и повторно прават исти работи, а се очекуваат различни резултати. Креативност и иновативност е кога се сака, може и треба и тие да имаат синхронизирано значење и содржина.

Народ што гласа за арамии и предавници, не е жртва, туку соучесник. Кога има два статус кво картели, невозможно е да се зборува за алтернатива, бидејќи нема можност за избор. Владее принципот „слези Мурто, да се качи Курто“. Народот го казнува едниот, ама набргу сфаќа дека повторно се казнил самиот себе.

Неспорно, постојат луѓе што се обидуваат да ги мобилизираат масите, да направат промени, да укажат на проблемите. Меѓутоа, нивниот број е мал, па воопшто не зачудува што нема речиси никакво влијание.

Парадигма беа протестите од неколку стотици луѓе против промената на името и обезличувањето на државата. Против такво невидено велепредавство, реакцијата беше симболична, па се поставува прашањето што треба да се случи народот да се разбуди?

Наспроти тоа, неколкумесечниот масовен студентски и граѓански антисистемски протест во Србија претставува паралелна галаксија. Поводот беше паѓање на реставрирана натстрешница во Нови Сад, отворена без употребна дозвола, при што загинаа 15 луѓе. Таа стана симбол на сите падови на системот, нефункционалноста, корумпираноста и неодговорноста на заробените институции.

МОЛЧИ И ТРПИ

Целта на огромната маса протестанти не беше уривање на државата, како што ступидно и малициозно пропагира власта, туку почитување на стандардите на правна држава, киднапирана во претходните 12 години од автократскиот режим.

Не се бараше ниту оставка на владата, туку дизајнирање ново општество со длабоки структурни промени и автономно функционирање на институциите, а не по диктат на еден човек кај кого е концентрирана сета моќ.

Без масовни, добро координирани протести, тешко може власта да се принуди на вистински отстапки. Меѓутоа, во Македонија изостанува мотивираноста и масовноста, па граѓаните сѐ уште живеат според максимата „Молчи и трпи“.

Донекаде се разбудија од долгогодишната летаргија со протестниот марш против дивеењето на улиците на млади возачи и нивно ослободување од одговорност поради политичко влијание и нефункционалност на системот.

Освен недовербата во институциите и апатијата кај граѓаните, работите дополнително ги комплицираат екстремната партизираност навлезена во секоја општествена пора, која ги инструментализира луѓето. Според анкетата на ИППИ, секој седми граѓанин е член на политичка партија и гласа по етничка линија.

Затоа, покрај „синдромот“ на нужност од внатрешен и надворешен непријател, македонските политиканти страдаат и од своевиден „Зелигов синдром“ во однос на копирањето на постапките и имитирањето на нивните претходници.

Ќурката ја презеде менталната матрица од Невестулката, таа од Паторот, тој од Мона Лиза, таа од Папата. Повеќе од три децении синдром на неподнослива сличност!

Народот е саштисан, па асли политиката и надриполитиката ги перцепира истоветно. Нема врска што разликата е како меѓу криминалист и криминалец!

Поврзани новости