Барањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари денеска треба да се најде на седница на Економско-социјалниот совет, која според најавите, треба да се одржи во 15 часот.
За Сојузот на синдикати на Македонија, ова е последниот рок, а доколку не се постигне договор, најавуваат генерален штрајк. Од Владата велат дека минималната плата треба да се зголеми, но системското решение треба да се бара преку дијалог меѓу социјалните партнери. На денешната седница, според најавите на министерката за труд и социјална политика, се очекува да се отвори и прашањето за за промена на критериумите за минимална плата.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски по средбата во Владата во понеделникот изјави дека среда е последниот рок за исполнување на нивното барање.
– Како Сојуз на синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот „ќе”, туку „кога” и „колку”. Во среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза, изјави Димовски.
Ставот на Владата е дека минималната плата ќе продолжи да расте, но смета дека преку дијалог треба да се најде решение кое ќе биде одржливо на подолг рок.
– Нашиот став е дека преку преговори за минималната плата во кои ќе учествуваат Владата, работодавачите и работниците со факти и аргументи треба да дојдеме до решение кое е добро за сите засегнати страни. На овие состаноци ќе го отвориме и прашањето за промена на критериумите за минималната плата, истакна Тренчевска во понеделникот на средбата со Организацијата на работодавачи на Македонија.
Синдикатот бара итно зголемување на минималната плата од сегашните 15.200 денари на 18.000 денари, аргументирајќи го ова барање со порастот на трошоците на живот и со економската и енергетската криза. Се бара и зголемување на останатите плати во државата.
Поддршка добија од партиите Левица и ДОМ кои ја поддржаа нивната иницијатива поднесена до Собранието во декември со која бараат измени на Законот за минимална плата.
– ССМ уште еднаш укажува дека во услови кога ниту најголемиот пораст на минималната плата во 2017 година не го загрозил стопанството – односно фирмите не отпуштале работници, не ги намалувале платите, ниту пак им се намалил профитот- туку напротив ја зголемиле продуктивноста и профитот, очекуваат и другите партии и пратеници во Парламентот да го следат примерот на ДОМ и да го сторат истото веднаш и да покажат дека се за работниците и за граѓаните, наведе ССМ во соопштението испратено по средбата со претседателката на ДОМ.
Усогласување на минималната плата се прави секој март во годината според три критериуми – една третина од порастот на просечно исплатената плата во државата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од порастот на БДП. Новата усогласена минимална плата почнува да се применува веќе од април.
Минималната плата беше воведена во јануари 2012 година, кога беше донесен Законот за минимална плата. Тогаш минималната плата изнесуваше 8.050 денари, освен за текстилната и кожарската индустрија, каде оваа сума беше достигната во 2015 година. Во 2019 година беше последната законски утврдена минимална плата во висина од 14.500 денари, но со направеното усогласување таа сега изнесува 15.200 денари.