Синдикатот на УКИМ го одложи протестот

by fokus

Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денеска донесе одлука да го одложи протестот што беше најавен за 30 јуни бидејќи добиле одговор од Владата дека за нивните барања ќе разговараат со надлежните министерства.

-Ве информираме дека од Владата на РСМ добивме одговор на нашите барања за потпишување колективен договор и покачување на платите со кој се задолжуваат министерствата за образование и наука и за финансии за разговори во врска со нашите барања, и покрај тоа што основач на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е Собранието, со кое Синдикатот водеше преговори и го усогласи во целост нормативниот текст од колективниот договор, освен делот на покачување на платите, се наведува во соопштението.

Сојузот на синдикати на УКИМ очекува дека Владата и двете министерства ќе ги разгледаат нивните, како што наведува „оправдани и разумни барања и позитивно ќе одговорат“ и додава дека со одлуката за одложување на протестот сакаат да овозможат егзистенцијалните барања да ги остварат низ дијалог.

-Но, доколку нашите барања не бидат прифатени, ќе организираме протести и септемвриската испитна сесија нема да биде спроведена, стои во дописот од Сојузот на синдикати на УКИМ потпишан од неговиот претседател проф. д-р Ангел Ристов.

Синдикатот на УКИМ на 2 јуни го изрази незадоволството пред Ректоратот на Универзитетот, а задутре требаше да организира мирен протест пред Владата кој со денешната одлука е одложен.

Поврзани новости