Синдикатот на Пошта најавува протести и штрајкови

by Fokus

Синдикатот на Македонска пошта бара итна средба со Министерството за транспорт и врски и Владата за состојбите во претпријатието кое, како што велат, е во тешка финансиска ситуација, се соочува со загуби во работењето и ризици за редовна исплата на платата.

Доколку во рок од пет дена не се одржи средба, синдикалното раководство најави дека ќе ги преземе сите законски мерки и механизми за заштита на правата на работниците со организација на протести и штрајкови. Повторно апелира генералниот директор на Пошта да го стопира огласот за 31 ново вработување во администрацијата на претпријатието, што сметаат дека е економски неиздржано и во постојните финансиски услови.

-Стравуваме како вработени за натамошната иднина на друштвото, како и редовната исплата на плата за наредниот период со оглед на фактот дека платата за јануари ја земавме на 17-ти месецов по истекот на законскиот рок. И покрај тоа што Македонска пошта се соочува со сериозни проблеми со целокупното работење генералниот директор распиша оглас за нови 31 вработување во администрцијата. Тие вработувања во оваа ситуација се непотребни со оглед на фактот дека во тој дел имаме превработеност, а тоа може да се направи со прераспоредување на работни места со цел поголема продуктивност и подобри услуги кон граѓаните, рече на прес-конференција Велигденов, посочувајќи дека нови вработувања се потребни во технолошкиот процес, односно на поштари, шалтерски и работници во оператива, каде немаат доволно кадар.

Поврзани новости