По иницијатива на членови на Синдикатот на Македонската дипломатска служба (СМДС), Извршниот одбор констатираше дека е неопходно да ја извести македонската, но и меѓународната јавност дека се оградуваме од редица ставови изнесени на г. Попоски, кој во наведеното интервју практично истапи како партиски функционер, а не како МНР на Република Македонија. Посебно се оградуваме од следново:
Тврдењето на Попоски дека експремиерот Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и ексшефот на тајната служба Сашо Мијалков побарале повлекување на аболицијата за нив лично од претседателот Иванов, искажано како: „Треба да знаете дека сите лица кои ги споменавте побараа да бидат исклучени од претседателската аболиција“ – не кореспондира со информациите (во јавноста), а според кои само Груевски побарал од Иванов повлекување на аболицијата. Мијалков најави такво нешто преку медиумите, но официјално нема потврда за таквото барање, додека Јанкулоска воопшто и не се огласи на таа тема.
Од ова следи или дека Попоски има партиски информации што не се споделени со јавноста или свесно го става странскиот новинар во заблуда. И во едниот и во другиот случај, се работи за недопустива постапка за еден МНР. Ако сакал да пласира определени партиски информации, бил должен да нагласи дека тие информации ги има, на пример, како член на највисокото управувачко тело на ДПМНЕ или … Оттука, професионалниот состав на македонската дипломатија што членуваме во СМДС се оградуваме од оваа постапка.
Тврдењето на Попоски дека за „прислушкувањето“ е виновен г. Заев, а всушност се работи за вид обвинување на лидерот на опозициската СДСМ, е прилично провидно затскривање зад формулацијата дека Заев е одговорен за „скандалот со прислушкувањето“. Демек, можеби тој и не го сторил самото прислушкување, но дека е одговорен за „скандалот“… Притоа, Попоски изгледа превидува дека во прашањето беше содржана и формулацијата: „кој го фабрикувал и монтирал … како што тврди експремиерот Никола Груевски…“. Оттука, неговиот одговор дека: „Оној кој го продуцираше, лидерот на најголемата опозициска партија, Зоран Заев“ – недвосмислено значи обвинување во најмала рака за „фабрикување и монтирање“ што само по себе е обвинување за кривично дело, независно што веќе при следното прашање (дали директно го обвинува Заев дека го продуцирал скандалот) – Попоски вели: „… не знам, тоа треба судот да каже…“.
Од ова следи: или дека Попоски истапува како партиски функционер што не го издвои како различно својство од МНР или повторно постапил како што не му доликува на еден МНР кој е должен да ги посочи различните видувања на ова прашање што постојат во македонската јавност. Оттука, професионалниот состав на македонската дипломатија што членуваат во СМДС се оградуваме и од оваа постапка на Попоски.
Попоски, на прашањето да ја коментира изјавата на поранешниот посредник на ЕУ, Питер Ванхауте („Во Македонија владее атмосфера на страв“) одговори дека: „Треба да се дистанцирате од некои извори, затоа што тој беше медијатор, но не е повеќе, поради тоа што зазема страна во спорот“ што беше во јавноста изнесен став на ДПМНЕ и само на ДПМНЕ! Другите учесници на преговорите и на Пржинскиот договор или не искажаа или искажаа сосема поинакви ставови за ЕУ Посредникот.
Од ова следи: дека Попоски како интервјуто одминува – најотворено истапува како партиски функционер, едновремено прифаќајќи го обраќањето (кое очигледно воопшто не било случајно) на новинарот кон него со „Министре“. Се разбира дека од тоа јасно произлегува дека Попоски и фактички ја потврди констатацијата и на македонската и на меѓународната јавност дека „нема раздвоеност на политичката партија на власт од државниот апарат“, а што дури и само по себе ја дисквалификува Македонија од семејството на демократски држави. Оттука, професионалниот состав на македонската дипломатија што членуваме во СМДС се оградуваме од обидите на Попоски да го злоупотребува Министерството за надворешни работи во партиски цели.
Во тој контекст, нагласуваме, дека ова не е ниту прва пригода ниту прва активност во насока на искористување на Министерството за партиски цели. Можеби само последна во таа низа постапки е испраќањето инструкција до работните единици на Министерството во странство, значи нашите дипломатско- конзуларни претставништва во врска со изборите и преземање постапка за пријавување на припадниците на дијаспората да гласаат на претстојните (во тој момент сеуште неоткажани) парламентари избори на 05 јуни.
Инструкцијата се повикува на односното Упатство на ДИК, но кое, иако уредно приложено – не е ниту потпишано ниту печатирано ниту има број и датум на заведување. Значи, со тоа се создава привид дека се работи за исправен акт кој има правно релевантно дејство.
Таквата постапка ги стави професионалните македонски дипломати во крајно незавидна положба или да го прекршат правото или да ја прекршат наредбата на раководството на МНР односно раководството на дипломатско- конзуларното претставништво каде се на служба. За нивна и наша среќа – изборите беа откажани, што сепак не значи дека била легитимна и легална постапката за евиденција на потенцијалните гласачи од дијаспората.