Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) го стави во мирување штрајкот, што претходно го најави за утре со целосно затворање на воздушниот сообраќај на македонското небо.
Одлуката на синдикатот следи откако Владата ги разреши претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, и секторскиот извршен директор во М-НАВ, Љубе Стаменковски. На нивно место ги назначи Илир Мехмеди и Милан Кораќ, но по реакциите во јавноста дека Мехмеди не ги исполнува условите за оваа функција, Владата експресно ја промени одулката и на местото на Или Мехмеди, за директор во М-НАВ го постави Хекуран Асани.
„По одлуката на Владата го ставаме штрајкот во мирување. Ова е придвижување на работите. Ќе ја анализираме целата состојба и случувања и ако има позитивна реализација на препораката од Владата до надзорниот одбор ќе ја повлечеме одлуката за штрајк“, рече претседателот на синдикатот Александар Тасевски.