Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), со соопштение попладнево се огради од постапките на претседателот Ѓорги Иванов, версус меѓународната заедница, кои можат да се третираат на надворешен план како „непочитување на дипломатските узуси, додека всушност се работи за градење алиби за постапките на внатрешен план“.
„СМДС, во рамките на своите можности, направи напор да провери дали било претседателот Иванов било неговиот Кабинет имале какви и да се консултации со професионалниот сегмент на Министерството за надворешни работи и дојде до поразувачко сознание, точно или не, дека дури и немало ниту обид во таа насока. Ова се однесува како по прашањето да ја прогласи заедничката платформа на македонските политички партии од албанскиот блок како наметнат од странство (читај: Албанија) политички документ, така и во однос на писмото упатено до неколку од најзначајните фактори во меѓународната заедница.
Од тие причини, СМДС направи увид во два клучни документи, обата јавно објавени: 1) споменатата „Платформа“ (објавена од повеќе македонски медиуми) и, иако партиски документ, искористена во меѓународното писмо на Претседателот Иванов каде, врз основа на противуставен став на претседателот се обраќа до дел од меѓународната заедница, а што има и ќе има исклучиво тешки последици на меѓународен план; и
2) владиниот документ од 2015 година насловен како: „Преглед на Охридскиот рамковен договор за социјалната кохезија“ (објавен на сајтот на Секретаријатот за спроведување на ОРД). На ниво на елементарна споредба е да се констатира дека овие два документи, освен во еден сегмент, се практично идентични или кореспондираат до највисока можна мера, вклучувајќи го и прашањето за националните симболи (знаме, химна, државен грб)“, се наведува во соопштението.
Според Синдикатот на македонската дипломатија, единствениот сегмент во кој Платформата и Прегледот не се совпаѓаат е истакнувањето барање за „некаква резолуција на македонското Собрание со кои би се признал некаков си геноцид на албанската популација во периодот 1912 – 1956 година.“
СМДС, поаѓајќи од фактот дека геноцидот и како концепт и како практична операција е во најтесниот делокруг на меѓународните односи и надворешната политика на сите земји, оценува дека е исклучително важно ова прашање да се отвори пред најшироката македонска јавност.
СМДС го повикува Иванов да ги преиспита своите сознанија, да не се базира само на медиумски јавувања (посебно кога се работи за изнесување оценки каде се инволвирани странски држави), туку напротив – да направи консултации и со професионалната дипломатија, па дури потоа да зазема ставови што имаат недвосмислени последици по меѓународната положба на Македонија.