Новата методологија што ја предлага Владата за платите во јавниот сектор може да биде трајно решение, но од синдикатите велат дека е предолг периодот од пет години за усогласување на Општиот колективен договор, како што е предложено во неа.
Пред почетокот на денешната седница на на Економско социјалниот совет (ЕСС) порачаа дека нема да ги прифатат предлозите што им ги нуди Владата за зголемување на платите во јавниот сектор за годинава.
„Нашите барања ние јавно веќе ги презентиравме и доставивме и до Владата и до Министерството за труд и социјална политика – моделот минимална плата помножено со коефициент на сложеност на работни места. Предлогот на Владата е просечна плата помножена со соодветен коефициент на сложеност на работни места што значи тука сме некаде. Меѓутоа, она што е сламка на спрепнување, тоа е долгиот, предолгиот период на усогласување на плативе, тоа е нивниот предлог од пет години. Дефинитивно ова за нас како СОНК и како Конфедерација на слободни синдикати е неприфатлив“ – изјави Јаким Неделков, претседателот на СОНК.
Тој нагласи дека најмалку што во моментов за нив е прифатливо е усогласување на платите во нивните дејности и во јавниот сектор, за 12,55 проценти, односно за онолку колку што во март годинава порасна минималната плата.
„Од таа причина, очекувам тоа да биде разумниот минимум 12,55 проценти за оваа година, и дополнително усогласување на платите за онолку проценти колку што практично инфлацијата ги изеде платите во изминативе неколку години, т.е. минималната плата порасна во однос на реалните плати согласно Колективниот договор“ – рече Неделков.
Посочи дека сега конечно Владата го прифатила нивното укажување дека е апсолутно погрешна методологијата линеарно да се зголемуваат платите.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Дејаноски порача дека нема да прифатат ништо на денешната седница на ЕСС и посочи дека долго време го истакнуваат нивното барање методологијата да биде иста како што имаат функционерите – просечна плата со коефициент.
„Пратија нешто од Влада пред неколку дена. Она што го пратија за УПОЗ не е прифатливо, бидејќи процентите што ги нуди Владата моментално се прениски. Имаме официјална инфлација 14,5 проценти, а ни нудат за 2023 годна пораст на плата од 3 проценти на вредност на бод што не е ни блиску до инфлацијата камо ли блиску до 78 отсто колку што добија функционерите“ изјави Дејаноски.