Синдикатите бараат скалесто покачување на платите

by Fokus

Претседателот на ССМ Дарко Димовски во вечерашната емисија „24 анализа“ истакна дека минималната плата од 18.000 денари е голем успех и легитимно право е што бараат скалесто зголемување на сите останати плати, согласно порастот на минималната плата.

– Тоа го нуди членот 8 од Законот за минимална плата. Преговараме со ресорните министерства, кој од каде припаѓа, и со повеќе од 15 комунални претпријатија потпишавме за скалестото зголемување на платите кое ќе важи од 1 април, рече Димовски.

Тој појасни дека согласно законот, штом порасне минималната плата, во рок од шест месеци, работниците треба да преговараат со работодавците, без да разлика дали се институција, министерство или претпријатие, за скалесто зголемување на сите останати плати и рече дека е задоволен како течат преговорите со Град Скопје, со општините и со хотелите.

Јаким Неделков од СОНК рече дека имаше незадоволство по потпишувањето за минималната плата, зошто се однесувало на одредени вработени.

– Не требаше да се доведеме во ваква ситуација сега да протестираме, ако тоа е законска одредба. Повеќе од четири години ова го баравме од надлежните министерства, но и по низа протести не успеавме да издејствуваме да ги освестиме надлежните да го применуваат законот. Ако се бара граѓаните да ги почитуваат законите, која е причината што владата не ги почитува законите? Има законска основа и не е проблемот од сега, рече Неделков

Трпе Деаноски од УПОЗ рече дека на последната седница на Економскиот социјален совет се договориле да се продолжи со разговорите за усогласување на сите останати плати со порастот на минималната плата.

– За жал, продолживме не во тој интензитет како што разговаравме за 18.000 денари минимална плата. Се дозволи во одреден дел од јавниот сектор да се коригира, меѓутоа во одреден дел од јавниот сектор каде што синдикатот УПОЗ ги застапува оние вработени, воопшто ништо не е направено. Негде имаме колективни договори, негде имаме закони. Во овој дел од јавниот сектор имаме само закони што е многу потешко да се менуваат колективните договори. И сега имаме моментално само еден закон кој е со измени, а другите дваесетина што се на ред за менување воопшто никој не почнал да ги менува, рече Деаноски, што според него ќе биде голем проблем.

Благоја Ралповски од Конфедерација на слободни синдикати рече е дојдено до ситуација кога разликата меѓу оние со средно и високо образование се намалува од 6.000 на 3.000 денари.

– Проблемот има наједноставно решение. Значи не треба да менуваме ниту 20 закони, ниту колективни договори и член 88 од Законот за административни службеници, со кој се уредуваат платите и на јавните и на комуналните и на оние чија сопственост е Владата, вика дека Владата го носи бодот. Проблемот ќе се реши ако Владата го смени бодот, смета Ралповски.

Поврзани новости