Синдикалците на протест пред Собрание, причина измените во Законот за јавна администрација

Фото: МИА.мк

by Fokus

Од Конфедерацијата на слободни синдикати денеска излегоа на протест пред Собранието, незадоволни затоа што, како што велат, дел од пратениците се обидуваат на шверцерски начин, без јавна дебата да ги донесат измените на Законот за административни службеници со кои им се крати правото за усогласување на платите за 2024 година.

Овие измени се во спротивност со Општиот колективен договор потпишан лани, особено со членовите 13 и 14, велат претставници на КСС.

– Овој закон нема ништо европско, со овој закон само се поттикнува непотизмот и примитивизмот. Вадењето на минималната плата да важи од март, а сите други одредби од 01.01.2025 година. Мислиме дека не е време да се носи еден ваков закон, како што го кажуваат реформски и европски, а нема ништо европско, ниту реформско. Не знам која е потребата, ние кажавме уште при потпишувањето на општиот колективен договор дека имаме камен на сопнување, но и тогаш кажавме, а ќе кажеме и сега, дека ќе си ги браниме нашите права онака како што ги браневме многу години наназад, низ протести и штрајкови – рече Благоја Ралповски, претседател на КСС.

На протестот дојдоа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои посочија дека процесот на носење на измените на законот не е инклузивен и дека на овој начин „за реформи во јавната администрација ќе ни требаат стотици години“.

Ралповски посочи дека поголемиот дел од работниците во јавниот сектор ќе продолжат да земаат минимална плата и нема да добијат усогласување на платите во март, и како што рече, не може да има државни службеници кои што земаат минимална плата, а да се бара професионалност од администрацијата.

Ветувањето при потпишувањето на општиот колективен договор од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, дека ќе се допреговара овој дел од Законот, Ралповски рече не е исполнето.

Поврзани новости