Ученик од шесто одделение во основно училиште во Хрватска составил список за убиство на десетина негови врсници. На прво место била ученичка од неговото одделение. Училиштето каде што се случило тоа не го пријавило случајот кај надлежните.
Проблемот бил решен така што родителите на момчето биле повикани во училиштето на разговор со директорот, психологот и педагогот, по што итно бил префрлен во друго училиште, во истиот град, пишува „Телеграм“.
Таткото на момчето е политички многу влијателна личност, член на владејачката ХДЗ на висока функција, објави „Телеграм“, а имињата на сите актери се познати на медиумот, но поради тоа што се работи за малолетно лице, не даваат повеќе информации со кои што може да се открие за кого се работи.
Новинарот на „Телеграм“ разговарал со таткото на момчето, кој признал дека однесувањето на неговиот син кон врсниците во училиштето било проблематично и дека тоа не било од вчера. Првиот тежок инцидент се случил веќе во второ одделение. И тогаш родителите биле повикани во училиштето, а момчето потоа добило укор.
Таткото признава дека момчето било подложено на психијатриско и психолошко тестирање, но дека наодите се покажале во ред. Признава и дека неговиот син е склон кон врсничко насилство, но тоа го оправдува со тоа што на училиште станал синоним за проблематичен ученик, па го обвинувале за работи за кои не бил виновен.
Тој вели дека за однесувањето на неговиот син претходно бил информиран и Центарот за социјална заштита. Момчето било однесено и во Поликлиниката за заштита на децата на градот Загреб, на преглед кај психолог.
„Отиде на лекување, неколку пати го носеа во Загреб, но се констатира дека со момчето се е во ред, рекол таткото. Но, додал дека за мир на родителите заедно со сопругата го преселиле во друго училиште каде се случил инцидентот. И неговата мајка работи во училиштето во кое момчето сега учи.
Родителите на децата, кои се нашле на списокот, рекле дека воопшто не им било сеедно кога дознале за тоа.
„Бевме многу вознемирени и разочарани од однесувањето на училиштето кое не ја сфати сериозно заканата на ученикот“ велат родителите. Биле многу исплашени, но како што велат им олеснало кога ученикот отишол во друго училиште.
„Телеграм“ дознава дека директорката на училиштето е во тесни роднински врски со поранешен истакнат политичар, кој е член на истата партија како и таткото на проблематичниот ученик, па се обиделе се да прикријат и сведат на детска палавост.