Симулација на гласањето со отпечаток од прст

by fokus

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски соопшти дека денеска се стигнати уште 600 уреди за биометриска идентификација на гласачите, а утре ќе дојде и последниот камион со уште 1.000. Во моментов во ДИК се полнат сите уреди за биометриска идентификација на гласачите со податоците од избирачките места. Секој апарат ќе има податоци од тоа избирачко место и таму се тие луѓе што треба да гласаат.

-Ќе биде офлајн, а не онлајн. Апаратот работи на струја, внатре има вградено литиумски батерии кои траат по 12 часа, но може да се полнат. Ако снема струја, продолжува гласањето со батерии, кога ќе дојде повторно се вклучува во струја. Нема никаков проблем ни со интернет бидејќи уредите се офлајн, не се поврзани со интернет и ќе се одвива гласањето, изјави Даштевски, одговарајќи на новинарско прашање по симулацијата на постапката на гласање и презентација на уредите. Додаде дека уредите кои првпат ќе бидат применети на претстојните локални избори, ќе бидат наполнети до крајот на викендот, доверливиот материјал обично се носи во четврток, а тие ќе се носат во петок, пред изборите.

Даштевски објасни како ќе се одвива гласањето и дека ќе има тројна проверка. Прво ќе се гласа со отпечаток на прст. Ако се случи да не го препознае, што се поретки случаи, тогаш ќе се извади лична карта или пасошот кој прво се покажува, па се става во МРЗ-скенерот, кој е долу под апаратот се става документот за идентифиакција и го препозанава, па излегуваат податоците што се во избирачкиот список, фотографија, име и презиме, адреса, матичен број на лицето гласач. И третиот начин е ако не го најде по лична карта, тогаш се впишува матичниот број и повторно излегуваат истите податоци за да му се озвоможи на секој гласач да гласа.

Во случај ако се потрошени резервите, ако нема струја, ако е некоја рурална средина, тогаш ќе има класично гласање со УВ-ламба и спреј. Во тој случај, како што појасни, во избирачкиот список ќе има место каде се колектира отпечатокот на прст на графитно перниче. Се остава отпечатокот на избирачкиот список на хартија и потоа се проверува во ДИК дали се работи за тоа лице.

Даштевски рече дека можноста да се расипат апаратите е до 5 отсто, а ние имаме купено резерви од 15 отсто и додаде дека ваква можност ќе биде ретка или можеби нема да се појави.

-Вкупниот број на уреди е 4.000, а имаме 3.480 избирачки места што значи 520 апарати ќе бидат вишок и ќе бидат распоредени по потреба, изјави Даштевски. Додаде дека во Скопје и во поголемите градови каде има повеќе избирачки места, ќе бидат оставени повеќе, а во помалите општини ќе се остави по еден за да има доволно секаде.

Компанијата што ни помага, како што рече, ќе направи список каде се најпотребни, каде треба повеќе, а каде помалку. Даштевски информира дека досега се обезбедени 60 луѓе за обука на техничкиот дел во врска со уредите, а ги обучуваат претседателите на избирачите одбори, нивните заменици и уште едно лице. Доколку не се во можност да останат на терен, одредуваат лице кое ќе ја врши работата во нивно отсуство. Има 70 луѓе обезебедно кои работа во смени и викенди и треба да обезбедат 80 луѓе кои на денот на изборите треба да има помагаат на нашите луѓе, доколку дојде до некој проблем да се реши.

Поврзани новости