Симовски: Оптимист сум дека законот за попис ќе се донесе пред изборите за да бидеме покриени

by Фокус

Законот за попис може да се донесе брзо бидејќи бара просто мнозинство во Парламентот, но целта не е само да се донесе закон, туку сите политички субјекти да застанат зад тој закон и да го поддржат, вели во интервју за МИА директорот на Заводот за стаистика Апостол Симовски.

-Пописот не може да го спроведете ако ја немате и таа политичка логистика и волја да се спроведе. Целта е да има консензус кај сите политички субјекти во Парламентот кога се донесува овој закон. Опозицијата излезе со 23 барања што сметаше дека треба да бидат вклучени, од кои најголем дел воопшто и не може да бидат прифатени бидејќи водеа кон она што се случи со пописот во 2011 година – вели Симовски.

Тој посочува дека е оптимист оти законот за попис ќе се донесе пред изборите.

-Настојувам тоа да се случи од едноставна причина. Не дека евентуална промена на власта нешто ќе предизвика, зашто се е така направено да биде исклучиво професионална операција. Меѓутоа, додека се формира нов парламент и влада ќе помине време, а ние сакаме да има закон врз основа на кој и де јуре да бидеме покриени во сите активности – истакнува директорот на ДЗС.

Според него, најевтин метод за спроведување на пописот е преку користење на регистрите.

-Во тој случај цената на чинење на пописот ќе биде нула денари или ќе имаме тековен трошок на институцијата што го спроведува. Статистичките служби во земјите што спроведуваат ваков тип попис имаат двајца или тројца ангажирани на оваа проблематика и го работат автоматски. Тоа е најдобрата варијанта со најквалитетни, најевтини и најбрзи информации. Најскап е традиционалниот метод. Овој попис планираме да чини 8,5 милиони евра – објаснува Симовски.

 

Поврзани новости