Симовски: Небитно е дали попишувачите се вакцинирани

by fokus

Небитно е дали некои од попишувачите се вакцинирани или не. Имаме јасни и прецизни КОВИД-протоколи кои мора и ќе се почитуваат. Тоа е наша обврска, но и гарантираме дека протоколите максимално ќе се почитуваат. Ќе сносиме одговорност ако тоа не се случи, рече денеска директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Симовски на прес-конференција во Владата се заблагодари за владината препорака да се стават на располагање времено вработените во државните институции, но изрази надеж и очекување дека нема да има потреба од нивно ангажирање зашто има, рече, доволен број попишувачи.

Според директорот, пописот е обврска на секој граѓанин, а не доброволна активност. Методологијата на попишувањето, пак, нема да се менува, подвлече, и покрај лошата епидемиолошка слика во државата.

-Мислам дека им е јасно на сите дека не можеме сега и воопшто немаме намера да размислуваме во таа насока да ја менуваме методологијата. Донесена е според закон, објавена е во Службен весник и одобрена од Евростат, така што менување на методологијата не доаѓа предвид. Во однос на какво било одбивање за попишување, има закон кој е многу прецизен. Ова е задолжителна активност, обврска на сите. Ова не е доброволна активност, потенцира Симовски.

На Конкурсот за пријавување кандидати за попишувачи, Симовски нагласи, досега аплицирале речиси осум илјади луѓе, со што се сигурни дека ќе има комплетна покриеност со попишувачи на терен, а доколку е потребно, со одлуката на Владата, на располагање им се ставени и лицата кои се ангажирани по договор во владините институции и институциите на локалната власт.

-Во тек се обуките за реонски инструктори, кои што ќе имаат супервизорска функција, а за неколку дена ќе отпочнат и обуките на лицата кои непосредно ќе го спроведат попишувањето, односно попишувачите, изјави Симовски.

Точната бројка на попишувачи кои евентуално би недостигале, нагласи Симовски, ќе се знае утре или задутре, кога ќе заврши конкурсот и ќе се спроведе тестирањето на кандидатите.

Можноста која им е на располагање за вклучување на лицата кои се времено ангажирани од Владата и локалните власти, Симовски, нагласи дека ќе се користи само доколку немаат доволно кадар и согласно потребите, а ќе бидат платени, само за онаа работа што ја извршуваат, исто како и секој друг учесник во пописот.

Прашан за тоа што ќе се случи доколку овие лица одбијат и дали со тоа ќе им престане договорот за работа, Симовски рече, дека штом е донесена одлука, не знае дали може да одбијат, а за тоа до кога ќе им трае договoрот, посочи дека се одговорни институциите во кои што овие лица се ангажирани.

Поврзани новости