Симеон Саксобурготски за оштетувањето на клубот: Напаѓачите да прочитаат меѓународни книги за Цар Борис Трети!

by Fokus

Поранешниот премиер на Бугарија, Симеон Саксобурготски, на својата официјална страница објави свој став по повод штетата направена пред неколку дена во бугарскиот клуб Цар Борис Трети во Охрид, кога неколку лица го оштетиле со огнено оружје стаклото на надворешната врата и стаклото на излогот. Според него, со ова и е направена штета на Македонија.

-Ваквите дејствија и штетат пред се на самата Македонија и нејзината намера да биде дел од големото европско семејство. Напаѓачите на клубот прво нека прочитаат историски книги, но од меѓународни историчари, и нека се запознаат со улогата на Цар Борис Трети во балканската и светската историја, напиша Саксобурготски.

Пред неколку дена пак, финансиерот на бугарските клубови во Македонија, Милен Врабевски објави дека деца од Македонија се сретнале со Симеон Саксобурготски, односно како што тој го нарекува, последниот цар на Бугарија, и имале прошетка низ неговиот дворец.

-По средбата со царот, децата го разгледаа дворецот, оранжериите и паркот. На крајот на посетата, претставници на Фондацијата Бугарска меморија положија венец на гробот на Цар Борис Трети, објави бугарски 24 часа. Инаку, пет-дневната екскурзија на ученици од Битола во Бугарија, беше финансирана од Врабевски и неговата фондација.

Вики Клинчарова

Поврзани новости