Силвана Веселиновиќ (52) од Јагодина е првата жена во Србија која посвоила дете со Даунов синдром. Нејзината ќерка Уна денес има 14 години и живее хармоничен живот, а Силвана годинава ја доби наградата ,,Најмама” од страна на здружението ,,Асоцијација на мајки на Србија”.
За одлуката да посвои дете со Даунов синдром, кое на свои три години уште не можело да зборува, да оди и самостојно да се храни, вели дека никогаш не зажалила, иако на Уна и биле потребни повеќе години за да може да постигне напредок во развојот.
-Имам ќерка и син, а сопругот ме поддржа да станеме згрижувачко семејство. Кога отидов во домот за деца, ја забележав Уна како седи во аголот. Таа се сврте кон мене и ме прегрна. Веднаш знаев дека тоа е тоа, и по четири дена ја зедовме кај нас.
Процесот на посвојување пак, траеше цели четири години. Со многу труд и работа, Уна започна да оди, на шест години започна самостојно да јаде, а на осум и самостојно да оди во тоалет.
Сега, на 14 години, таа оди на училиште, може сама да оди во продавница, се дружи со други деца и има исполнет живот и топол дом – раскажува Силвана во видеото на Асоцијацијата на мајки на Србија.
Сепак, вели дека постојано се сретнува со погледи полни со сожалување, но и со непријатни коментари.
-Зошто сте ја посвоиле, ви плаќаат ли за да ја чувате, уште колку години ќе биде со вас и уште многу други глупави прашања слушнавме овие години. Јас само можам да кажам дека кога пак би се родила, исто би постапила.
И самата сум посвоена, тоа го дознав кога имав 15 години и многу тешко го прифатив. Кога останав бремена во првото дете, ја најдов биолошката мајка и се сретнав со неа.
Средбата беше тажна… Мене цел живот ми фалеше мајка ми, а сега кога ја имам Уна, најдов начин да и простам што ме оставила – раскажа Веселиновиќ.
Вики Клинчарова
ФОТО: Марко Метлаш