Силва: Целта нѝ е Скопје и Тирана да ги почнат преговорите за време на португалското претседателство

by fokus

Навистина е мошне важно да се разговара лице в лице особено за вакви работи. Тоа се важни и клучни средби за дипломатската работа. Целта ни е Скопје и Тирана да ги почнат преговорите за време на португалското претседателство со ЕУ.

Ова го изјави шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва по средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје.

Силва истакна оти очекува извесно унапредување и, како што рече, се надеваме дека ќе успееме да ја подобриме преговарачката рамка која што се однесува на Северна Македонија и на Албанија.

-Секако нашата цел во текот на нашето претседателство со Советот на ЕУ е да добиеме согласност од сите земји членки на ЕУ, за да ја започнеме преговарачката рамка со Република Северна Македонија и со Албанија, и да ја одржиме првата меѓувладина конференција и со двете земји, рече тој, додавајќи оти за нив било од голема важност да одржат политички консултации и во Скопје со македонските власти.

Претходно, премиерот Зоран Заев за предлог решенијата на Силва и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека „имаме добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со ЕУ со решение кое не задира во македонските идентитетски прашања и за кое сме убедени дека е прифатливо и за круцијалните позиции на Бугарија“.

Силва и Вархеји денеска беа во Скопје и Софија за да разговараат со официјалните претставници на двете земји за проширувањето на ЕУ и можноста за одблокирање на процесот со цел одржување на првата меѓувладина конференција со С Македонија. Претходно во Софија, Силва и Вархеји се сретнаа со бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, кој рече дека Бугарија е отворена за активен, отворен и целосен дијалог со Република Северна Македонија.

Поврзани новости